John (4/21)  

1. Кога Исус дозна дека фарисеите чуле оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован
2. (иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици),
3. ја напушти Јудеја и се врати пак во Галилеја.
4. Требаше да помине преку Самарија.
5. И така дојде во самарискиот град, наречен Сихар, во близина на земјиштето што Јаков му го даде на својот син Јосиф.
6. Таму беше Јакововиот кладенец. Исус, изморен од патот, седеше така крај кладенецот, а беше околу шестиот час.
7. Дојде една жена од Самарија, за да нацрпи вода. Исус и рече: "Дај да се напијам!",
8. а Неговите ученици беа отишле во градот да купат храна.
9. Самарјанката Му рече: "Како, Ти, Евреин, бараш од мене, самарјанка, да пиеш?" (Имено, Евреите не општеа со самарјаните.)
10. Исус и одговори, велејќи: "Ако знаеш за Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: 'Дај да се напијам,' ти ќе побараш од Него и Тој ќе ти даде жива вода."
11. Жената Му одговори: "Нема со што да нацрпиш, господине, а кладенецов е длабок! Тогаш, од каде имаш жива вода?
12. Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде кладенецов? Тој самиот пиеше од него, и неговите синови, и неговиот добиток!"
13. Исус во одговор и рече: "Секој кој пие од оваа вода, пак ќе биде жеден.
14. А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам, нема да биде жеден довека, туку водата што ќе му ја дадам ќе стане во него извор на вода која извира во вечен живот."
15. Жената Му рече: "Господине, дај ми од таа вода за да не ожеднувам и да не доаѓам овде да црпам!"
16. Тој и рече: "Оди! Bикни го маж ти и врати се овде!"
17. Жената му одговори, велејќи: "Јас немам маж." Исус и рече: "Право си кажа дека немаш маж;
18. зашто си имала петмина мажи и тој што го имаш сега, не ти е маж; вистината ја зборуваш."
19. Жената Му рече: "Господине, гледам дека си пророк.
20. Нашите татковци одеа на поклонение на оваа гора, а вие велите дека Ерусалим е местото за поклонение."
21. Исус и рече: "Bерувај Ми, жено, доаѓа часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото ниту на оваа гора, ниту во Ерусалим.
22. Bие му се поклонувате на она што не го знаете; ние му се поклонуваме на она што го знаеме, зашто спасението доаѓа од Евреите.
23. Но доаѓа часот, и веќе настапи, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници.
24. Бог е Дух, и оние кои Му се поклонуваат, треба да Му се поклонуваат во дух и вистина."
25. Жената Му одговори: "Знам дека ќе дојде Месија (наречен Христос). Кога Тој ќе дојде, сè ќе ни објави."
26. Исус и рече: "Јас Сум Тој, Кој зборува со тебе."
27. Тогаш дојдоа Неговите ученици и се чудеа дека разговара со жена, но ниеден не рече: "Што сакаш?" или: "Зошто разговараш со неа?"
28. Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето:
29. "Дојдете да видите еден човек, Кој ми кажа сè што сум сторила! Не е ли Тој Христос?"
30. Тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
31. Bо меѓувреме учениците Го молеа Исус: "Раби, јади!"
32. Но Тој им рече: "Јас имам храна за јадење која вие не ја знаете."
33. Тогаш учениците се прашуваа меѓу себе: "Да не му донесол некој јадење?"
34. Исус им рече: "Мојата храна е исполнувањето на волјата на Оној Кој ме прати и да го завршам Неговото дело.
35. Зар вие не велите: 'уште четири месеци и жетвата ќе дојде!' Еве, ви велам: поткренете ги очите и видете ги полињата како побелеле за жетва!
36. Жетварот веќе си добива за својот труд и собира плод за вечен живот, за да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.
37. Зашто за ова важи изреката: 'Еден сее, а друг жнее!'
38. Јас ве испратив да жнеете каде што не се трудевте. Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд."
39. И мнозина самарјани од градот поверуваа во Него заради зборовите на жената, која сведочеше: "Тој ми кажа сè што сум сторила."
40. Па кога самарјаните дојдоа кај Него, Го замолија да остане кај нив; и остана таму два дена.
41. И многу други од нив поверуваа поради Неговото слово,
42. а на жената и велеа: "Сега не веруваме поради твоето кажување, зашто самите чувме и знаеме дека Овој е навистина Спасителот на светот."
43. По двата дена тргна оттаму за Галилеја,
44. зашто Самиот Исус изјави дека пророкот нема чест во својот роден крај.
45. И така, кога дојде во Галилеја, галилејците Го примија, зашто беа виделе сè што стори во Ерусалим на празникот, бидејќи и самите беа таму на празникот.
46. И пак дојде во галилејскиот град Кана, каде што ја претвори водата во вино. Имаше еден царски чиновник, чијшто син беше болен во Капернаум.
47. Тој, штом чу дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, отиде кај Него и Го замоли да слезе и да му го исцели синот, зашто беше на умирање.
48. Тогаш Исус му рече: "Ако не видите чудотворни знаци и чуда, нема да поверувате."
49. Царскиот чиновник Му рече: "Господине, слези пред да ми умре детето!"
50. Исус му рече: "Оди си, твојот син е жив!" Човекот поверува на зборот што му го кажа Исус и си замина.
51. И додека уште слегуваше, неговите слуги го пречекаа и му соопштија дека син му е жив.
52. А тој ги праша за часот во кој му станало подобро. Тие му одговорија: "Bчера, во седмиот час, го напушти треската."
53. Тогаш таткото сфати дека тоа се случило во часот кога Исус му рече: "Твојот син е жив!" И поверува тој и целиот негов дом.
54. Ова, пак, е вториот чудотворен знак што го направи Исус, кога дојде од Јудеја во Галилеја.

  John (4/21)