John (3/21)  

1. А меѓу фарисеите имаше еден човек, по име Никодим, еврејски управител.
2. Тој дојде ноќе кај Исус и Му рече: "Раби! Знаеме дека Ти си Учител дојден од Бог; зашто никој не може да ги прави чудотворните знаци, што ги правиш Ти, ако Бог не е со него."
3. Исус му одговори, велејќи: "Bистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди озгора, тој не може да го види Божјото царство."
4. Никодим Му рече: "Како може да се роди човек, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?"
5. Исус му одговори: "Bистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и од Дух, тој не може да влезе во Божјото царство.
6. Роденото од тело, тело е, а роденото од Дух, дух е.
7. Не чуди се што ти реков: треба да се родите озгора.
8. Bетрот дува каде што сака. Го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Дух."
9. Никодим Му одговори, велејќи: "Како може да биде тоа?"
10. Исус му одговори и рече: "Ти си учител на Израел, и не го знаеш тоа?
11. Bистина, вистина, ти велам: ние зборуваме за она што го знаеме и сведочиме за она што сме го виделе, а вие сепак не го примате нашето сведоштво.
12. Кога ви зборував за земни работи вие не верувате, а како ќе верувате ако ви зборувам за небесните?
13. И никој не отишол на небо, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човеков."
14. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да биде издигнат Синот Човеков,
15. та секој кој верува во Него да има вечен живот.
16. Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.
17. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да биде спасен преку Него.
18. Кој верува во Него, нему не му се суди, а кој не верува веќе е осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Божји Син.
19. А судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината, бидејќи делата им беа зли.
20. Зашто, секој кој прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината за да не бидат откриени неговите дела;
21. а кој ја извршува вистината, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се извршени во Бога.
22. Потоа дојде Исус со Своите ученици во Јудеја; таму се задржа со нив и крштаваше.
23. И Јован исто така крштаваше во Енон, близу до Салим, бидејќи таму имаше многу вода, и луѓето доаѓаа и беа крштавани;
24. зашто Јован уште не беше фрлен во зандана.
25. Тогаш таму настана препирка околу исчистувањето, меѓу Јовановите ученици и еден Евреин.
26. И тие дојдоа кај Јован и му рекоа: "Раби, ете, Оној Кој беше со тебе од другана страна на Јордан, за Кого ти сведочеше, Тој крштава и сите одат кај Него."
27. Јован одговори, велејќи му: "Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото.
28. Bие сами сте мои сведоци дека реков: "Јас не сум Христос, туку сум испратен пред Него."
29. Оној кој има невеста, тој е младоженец. А пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува штом ќе го чуе гласот на младоженецот. И така, оваа моја радост се исполни.
30. Тој треба да расте, а јас да се смалувам!"
31. Кој доаѓа озгора, Тој е над сите; оној кој е од земјата, тој е земен и зборува земно. Кој доаѓа од небото, Тој е над сите.
32. Тој сведочи за она што го видел и чул, но никој не го прима Неговото сведоштво.
33. Кој го примил Неговото сведоштво, потврдува дека Бог е вистинит.
34. Зашто Оној Кого Бог Го испратил говори Божји зборови, бидејќи Бог не Го дава Духот со мера.
35. Таткото Го љуби Синот и предаде сè во Неговата рака.
36. Кој верува во Синот, има вечен живот, а кој не верува во Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него."

  John (3/21)