John (20/21)  

1. Bо првиот ден на седмицата, многу рано, додека уште беше темно, Марија од Магдала дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен.
2. Тогаш отрча и дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: "Го изнесле Господ од гробот и не знаеме каде Го положиле."
3. А Петар и другиот ученик излегоа и тргнаа кон гробот.
4. И двајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и стигна прв до гробот.
5. Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре.
6. По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите како лежат,
7. а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место.
8. Тогаш влезе и другиот ученик, кој стигна прв до гробот, и виде и поверува.
9. Зашто сè уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите.
10. Тогаш учениците повторно се вратија дома.
11. А Марија стоеше надвор, кај гробот и плачеше. Додека плачеше, таа се наведна и погледна во гробот
12. и виде два ангела во бело, како седат таму каде што лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот кај нозете.
13. Тие и рекоа: "Жено, зошто плачеш?" Им одговори: "Го однесле мојот Господ и не знам каде Го положиле?"
14. Откако го рече тоа, се сврте и Го виде Исуса како стои, но не знаеше дека е Исус.
15. Исус и рече:"Жено, зошто плачеш? Кого бараш?" Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: "Господине, ако си Го изнесол ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам!"
16. Исус и рече: "Марија!" Таа се заврти и на хебрејски Му рече: "Рабуни!" (што значи Учител).
17. Исус и рече: "Остави Ме, зашто сè уште не сум појден горе кај Таткото. Туку оди кај Моите браќа и кажи им: 'Се враќам кај Мојот Татко и вашиот Татко, кај Мојот Бог и вашиот Бог.'"
18. Марија од Магдала дојде и им јави на учениците дека Го видела Господ и дека Тој тоа и го рекол.
19. А вечерта, на истиот прв ден од седмицата, додека вратата каде што беа собрани учениците беше затворена поради страв од Евреите, Исус дојде, застана насреде и им рече: "Мир вам!"
20. Откако го рече тоа, им ги покажа рацете и ребрата. Учениците се зарадуваа кога Го видоа Господ.
21. Затоа Исус пак им рече: "Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!"
22. Кога им го кажа ова, дувна на нив и им рече: "Примете Свет Дух!
23. На оние на коишто ќе им ги простите гревовите, простени им се; на кои ќе им ги задржите, задржани им се!"
24. А Тома, наречен Близнак, еден од дванаесеттемина, не беше со нив кога дојде Исус.
25. Затоа другите ученици му рекоа: "Го видовме Господ!" А тој им рече: "Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака меѓу Неговите ребра, нема да поверувам."
26. А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана сред нив и им рече: "Мир вам!"
27. Потоа му рече на Тома: "Дај го твојот прст ваму и види ми ги рацете, и дај ја твојата рака и стави ја во Моите ребра, и не биди неверен, туку верен!"
28. Тома изусти, велејќи Му: "Мојот Господ и мојот Бог!"
29. Исус му рече: "Поверува, бидејќи Ме виде. Блажени се оние коишто не виделе, а поверувале."
30. И многу други чудотворни знаци направи Исус пред учениците, што не се запишани во оваа книга;
31. а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божјиот Син, и верувајќи да имате живот во Неговото име.

  John (20/21)