John (2/21)  

1. А на третиот ден имаше свадба во галилејскиот град Кана, и Исусовата мајка беше таму.
2. На свадбата ги поканија и Исус и Неговите ученици.
3. И кога снема вино, мајка Му му рече на Исус: "Немаат вино."
4. Исус и рече: "Што имам Јас со тебе, жено? Уште не дошол Мојот час."
5. Тогаш мајка му им рече на прислужниците: "Сè што ќе ви рече, направете."
6. Таму имаше шест камени садови, според јудејскиот пропис за миење, што собираа по две до три мери.
7. Исус им рече: "Наполнете ги садовите со вода!" И ги наполнија со рам.
8. Тогаш им рече: "Сега нацрпете и однесете му на старосватот! " И му однесоа.
9. Кога старосватот обиде од водата претворена во вино, а не знаеше од каде е (но знаеја прислужниците, кои црпеа од водата), го повика младоженецот
10. и му рече: "Секој човек најпрвин го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат - полошото. Ти досега си го чувал доброто вино."
11. Ова го направи Исус во галилејскиот град Кана како почеток на чудата и ја објави Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него.
12. Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, Неговите браќа, и Неговите ученици, и останаа таму неколку дена.
13. Наближуваше јудејската Пасха кога Исус се искачи во Ерусалим.
14. И во Храмот ги најде како седат таму продавачите на волови, овци, гулаби и менувачите на пари.
15. Направи камшик од јажиња и ги истера сите од Храмот, заедно со овците и воловите. На менувачите им ги истури парите и им ги преврте масите.
16. А на оние што продаваа гулаби, им рече: "Ова изнесете го одовде! Не правете трговски дуќан од Домот на Мојот Татко!"
17. Неговите ученици се сетија дека е напишано: "Ќе Ме изеде ревноста за Твојот Дом ."
18. Тогаш Евреите Го прашаа: "Со каков знак ни докажуваш дека смееш да го правиш ова?"
19. А Исус им одговори, велејќи: "Разурнете го овој Храм, и ќе го подигнам за три дни!"
20. Тогаш Евреите рекоа: "Храмов е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?"
21. Ама Тој зборуваше за Храмот на Своето тело.
22. Кога беше воскреснат, пак, од мртвите, Неговите ученици се сетија дека го рече тоа, па им поверуваа на Писмото и на словото што Исус им го рече.
23. А кога беше во Ерусалим, на празникот Пасха, мнозина поверуваа во Неговото име, гледајќи ги чудата што ги правеше.
24. Но Самиот Исус не им се доверуваше, зашто сите ги познаваше,
25. и немаше нужда некој да Му сведочи за човекот, зашто Самиот знаеше што има во човекот.

  John (2/21)