John (19/21)  

1. Тогаш Пилат Го фати Исуса и Го даде да го камшикуваат.
2. А војниците исплетоа венец од трње, Му го ставија на главата, Го наметнаа со пурпурна наметка,
3. се приближија до Него и извикуваа: "Те поздравуваме, еврејски цару!" И Му удираа шлаканици.
4. Потоа Пилат излезе пак и им рече: "Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него."
5. Тогаш Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и пурпурна наметка, а Пилат им рече: "Еве Го Човекот!"
6. Но, кога првосвештениците и нивните слуги Го видоа, извикаа, велејќи: "Распни Го! Распни Го!" Пилат им рече: "Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него."
7. Евреите Му одговорија: "Ние имаме закон и според законот Тој треба да умре, зашто Сам се стори Божји Син."
8. А кога Пилат го чу тоа, уште повеќе се уплаши.
9. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: "Од кај си Ти?" Но Исус не му одговори.
10. Затоа Пилат Му рече: "Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те ослободам и дека имам власт да Те распнам?"
11. Исус одговори: "Ти не ќе имаше никаква власт над Мене, ако не ти беше дадена озгора; затоа поголем грев има оној кој Ме предаде на тебе."
12. Од тој момент Пилат настојуваше да Го ослободи, но Евреите викаа, велејќи: "Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на цезарот. Секој кој се прави цар, противник му е на цезарот!"
13. Штом Пилат ги чу тие зборови, го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на хебрејски Габата.
14. Беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, па им рече на Евреите: "Еве ви Го царот!"
15. Но тие викаа: "Убиј Го, убиј Го! Распни Го!" Пилат им рече: "Bашиот Цар ли да Го распнам?" Првосвештениците одговорија: "Ние немаме друг цар, освен цезарот!"
16. Тогаш им го предаде за да биде распнат.
17. Тие го презедоа Исуса, а Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Черепница, а на хебрејски Голгота;
18. каде што Го распнаа меѓу други двајца, од едната и од другата страна, а Исус во средината.
19. А Пилат напиша натпис и го стави на крстот. На него беше напишано: "ИСУС ОД НАЗАРЕТ, ЦАРОТ НА ЕBРЕИТЕ."
20. Натписот го прочитаа мнозина Евреи, зашто местото, каде што беше распнат Исус, беше близу до градот, а беше напишано на хебрејски, латински и грчки.
21. Тогаш јудејските првосвештеници му рекоа на Пилат: "Не пишувај: 'Царот на Евреите,' туку дека Тој рекол: 'Јас Сум Царот на Евреите.'
22. Пилат одговори: "Тоа што го напишав, го напишав!"
23. А војниците, откако Го распнаа Исус, ја зедоа Неговата облека и ја разделија на четири дела, по еден дел на секој војник; исто така и туниката, а туниката не беше шиена, туку целата исткаена озгора додолу;
24. па си рекоа меѓу себе: "Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа кому да му падне!", за да се исполни Писмото: "Ја разделија меѓу себе Мојата облека, и фрлија жрепка за Мојата туника." Така постапија војниците.
25. А кај Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија на Клопа и Марија од Магдала.
26. А Исус, штом ја виде Својата мајка, и покрај неа ученикот кого го љубеше, и рече на мајка си: "Жено, ете ти син!"
27. Потоа му рече на ученикот: "Ете ти мајка! " И од тој час ученикот ја зеде кај себе.
28. По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: "Жеден Сум!"
29. Таму имаше сад, полн со оцет, па закачија на трска сунѓер натопен во оцет и Му го поднесоа до устата.
30. Штом Исус го вкуси оцетот, рече: "Заврши!", па ја наведна главата и го предаде духот.
31. Бидејќи беше денот на подготовка, Евреите, за да не останат телата на крстот во саботниот ден (зашто таа сабота беше голем ден), го замолија Пилат да им ги скршат нозете и да ги симнат.
32. Така, војниците дојдоа и им ги скршија нозете на едниот и на другиот, кои беа распнати со Него.
33. А кога дојдоа до Исус и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете,
34. туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода.
35. Оној што сè виде, посведочи, а неговото сведоштво е веродостојно и тој знае дека ја зборува вистината, та и вие да поверувате.
36. Имено, сето ова се случи за да се исполни Писмото: "Негова коска нема да биде скршена."
37. А на друго место Писмото вели: "Ќе гледаат на Оној Кого Го прободија!"
38. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен поради страв од Евреите, го замоли Пилата да го земе Исусовото тело, а Пилат му дозволи. Така, тој дојде и го зеде Неговото тело.
39. А стигна и Никодим, кој првпат дојде кај Него ноќе и донесе околу педесет литри смеса од смирна и алој.
40. Тие Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај, во ленено платно со мириси.
41. А на местото, каде што беше распнат, имаше градина, а во градината нов гроб во кој уште никој не беше положен.
42. Таму Го положија Исус, заради јудејскиот ден на подготовка, зашто гробот беше близу.

  John (19/21)