John (17/21)  

1. Кога Исус го изговори тоа, ги поткрена очите кон небото и рече: "Татко, дојде часот! Прослави Го Својот Син, за да Те прослави Синот Тебе,
2. и како што си Му дал власт над секој еден, на сите што си Му ги дал, да им даде вечен живот.
3. А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, единствениот вистинит Бог, и Исус Христос, Кого Го испрати.
4. Јас Те прославив на земјата, го довршив делото што Ми го даде да го извршам;
5. а сега, Татко, прослави Ме Ти, со Себе Самиот, со славата што ја имав кај Тебе, уште пред создавањето на светот.
6. Твоето Име им го јавив на луѓето, што Ми ги даде од светот. Твои беа, Ми ги даде Мене, и го запазија Твоето Слово.
7. Сега дознаа дека сè што си ми дал е од Тебе,
8. зашто зборовите што Ми ги даде им ги предадов ним, а тие ги примија и навистина сфатија дека излегов од Тебе, и поверуваа дека Ти Ме испрати.
9. Јас барам за нив. Не барам за светот, туку за оние кои Ми ги даде, зашто се Твои.
10. И сè што е Мое - Твое е, и Твоето е Мое; а јас се прославив во нив.
11. И не Сум повеќе во светот, туку тие се во светот, а Јас одам кај Тебе. Свети Татко, запази ги оние кои Ми ги даде, за да бидат едно, како што Сме и Ние.
12. Додека бев со нив, Јас ги чував во Твое име оние кои Ми ги даде и ги запазив, па ниеден од нив не загина, освен синот на гибелта, за да се исполни Писмото.
13. Сега одам кај Тебе, а ова го зборувам во светот, за Мојата радост да биде целосна во нив.
14. Јас им го предадов Твоето Слово, а светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот.
15. Не барам од Тебе да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злиот.
16. Тие не се од светот, како што ни Јас не сум од светот.
17. Посвети ги во вистината; Твоето слово е вистината.
18. Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и Јас ги испратив во светот;
19. заради нив се посветувам Себеси, за да бидат и тие посветени во вистината.
20. Но не барам само за нив, туку и за оние кои преку нивните зборови ќе поверуваат во Мене,
21. за да бидат сите едно како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат во нас, за да поверува светот дека Ти Ме испрати.
22. А славата што Ми ја даде им ја дадов ним, за да бидат едно, како што Сме Ние едно:
23. Јас во нив, а Ти во Мене, за да се усовршат во единство, та светот да знае дека Ти Ме испрати, и дека ги љубеше нив како што Ме љубеше Мене.
24. Татко, сакам оние што Ми ги даде да бидат со Мене таму каде што Сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што Ми ја даде, зашто Ти Ме љубеше уште пред создавањето на светот.
25. Праведен Татко, иако светот не Те позна, Јас Те познавав, а овие спознаа дека Ти Ме прати.
26. Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме засака, да биде во нив и Јас во нив."

  John (17/21)