John (13/21)  

1. А пред празникот Пасха, Исус, знаејќи дека Му дојде часот за да замине од овој свет кон Таткото, откако ги засака Своите во светов, ги љубеше докрај.
2. За време на вечерата, ѓаволот веќе беше ставил мисла во срцето на Јуда, синот на Симон Искариот, да Го предаде.
3. Исус, знаејќи дека Таткото Му предаде сè во рацете, дека излезе од Бог и дека оди кај Бог,
4. стана од вечерата, ја соблече горната облека, зеде крпа и се опаша.
5. Потоа налеа вода во садот за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше опашан.
6. Така, дојде до Симон Петар, а овој Му рече: "Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?"
7. Исус одговори, велејќи му: "Ти сега не знаеш што правам Јас, но подоцна ќе разбереш."
8. Петар Му рече: "Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!" Исус му одговори: "Ако не те измијам, немаш дел со Мене."
9. Симон Петар Му рече: "Господи, измиј ми ги не само нозете, туку и рацете и главата."
10. Исус му одговори: "На измиениот треба да му се измијат само нозете, зашто целиот е чист, а вие сте чисти, но не сте сите."
11. Бидејќи знаеше кој ќе Го предаде, затоа и рече: "Не сте сите чисти!"
12. А кога им ги изми нозете, ја зеде својата горна облека и пак прилегна крај трпезата и им рече: "Сфативте ли што ви сторив?
13. Bие Ме нарекувате Мене Учител и Господ, и право велите, зашто тоа Сум.
14. И така, ако Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг;
15. зашто ви дадов пример и вие да правите онака како што ви направив Јас.
16. Bистина, вистина, ви велам: слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној што го праќа.
17. Кога ги знаете овие работи, блажени сте ако ги исполнувате.
18. Не зборувам за сите вас. Ги знам оние што ги избрав; но треба да се исполни Писмото: 'Оној Кој го јаде Мојот леб, ја крева својата петица против Мене.'
19. Отсега ќе ви кажувам пред да се збидне, за да поверувате, кога ќе се збидне, дека Јас Сум.
20. Bистина, вистина, ви велам: кој го прима оној кого Јас го праќам, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној Кој Ме прати Мене."
21. Штом го рече тоа, Исус се вознемири во духот, па посведочи и рече: "Bистина, вистина, ви велам дека еден од вас ќе Ме предаде."
22. Тогаш учениците се погледнаа еден со друг, не знаејќи за кого зборува.
23. А еден од Неговите ученици, кого Исус го љубеше, беше се навалил на Исусовиот скут;
24. тогаш Симон Петар му даде знак и му рече: "Прашај го за кого зборува?"
25. Така, тој се потпре на Исусовите гради и му рече: "Господи, кој е тој?"
26. Исус одговори: "Тоа е оној кому ќе му натопам залак и ќе му го подадам." И го натопи залакот, го зеде и му го даде на Јуда, синот на Симон Искариот.
27. И откако го прими залакот, сатаната влезе во него. Исус, пак, му рече: "Што ќе правиш, прави побргу!"
28. Ама никој од оние што беа прилегнати крај трпезата, не разбра зошто му го рече тоа.
29. Но, бидејќи кај Јуда беше чекмежето, некои помислија дека Исус му вели: "Купи што ни е потребно за празникот!" или да им раздаде нешто на сиромашните.
30. Штом го прими залакот, Јуда веднаш излезе, а беше ноќ.
31. И кога излезе, Исус рече: "Сега се прослави Синот Човеков, и Бог се прослави во Него.
32. Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, а ќе Го прослави веднаш.
33. Чеда, уште малку сум со вас; ќе Ме барате, и како што им реков на Евреите: таму каде што одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви велам:
34. Bи давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг.
35. По ова сите ќе познаат дека сте Мои ученици - ако имате љубов меѓу себе!"
36. Симон Петар Му рече: "Господи, каде одиш?" Исус му одговори: "Таму каде што одам Јас, ти сега не можеш да дојдеш со Мене, но подоцна ќе дојдеш."
37. Петар Му рече: "Господи, зошто не можам да дојдам по Тебе сега? Својот живот ќе го дадам за Тебе."
38. Исус одговори: "Својот живот ќе го дадеш за Мене? Bистина, вистина, ти велам, петел нема да пропее, додека ти трипати не се откажеш од Мене."

  John (13/21)