John (1/21)  

1. Bо почетокот беше Словото, и Словото беше со Бог, и Словото беше Бог.
2. Тоа беше во почетокот со Бог.
3. Сè стана преку Него, и без Него не стана ништо од она што настана.
4. Bо Него имаше живот и животот им беше светлина на луѓето.
5. А светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати.
6. Се јави човек, испратен од Бог, по име Јован.
7. Тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.
8. Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината.
9. Bистинската светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше на свет.
10. Тој беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна.
11. Дојде кај Своите, но Своите не Го примија.
12. А на сите што Го примија, им даде право да станат Божји деца - на оние кои веруваат во Неговото име,
13. кои не се родија ниту од крв, ни од телесна похота, ниту од волја на маж, туку од Бог.
14. И Словото стана тело кое се всели меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како единствен од Таткото - полн со благодат и вистина.
15. Јован сведочеше за Него и извика, велејќи: "Еве Го Оној за Кого реков: Оној Кој доаѓа по мене, поголем е од мене, зашто постоеше пред мене!"
16. И сите ние примивме од Неговата полнота благодат врз благодат.
17. Зашто, Законот беше даден преку Мојсеј, а преку Исус Христос дојдоа благодатта и вистината.
18. Бог никој никогаш не Го видел; Единородниот Бог - Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави."
19. А ова е Јовановото сведоштво, кога Евреите од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: "Кој си ти?"
20. И тој призна и не одрече, туку изјави: "Јас не сум Христос."
21. А тие го прашаа: "Кој си тогаш! Илија ли си?" "Не сум," одговори тој. "Да не си Пророкот?" "Не," одговори.
22. Тогаш му рекоа: "Кој си?- за да можеме да им одговориме на оние што нè испратија! Што велиш ти за себеси?"
23. Тој рече: "Јас сум глас на оној кој вика во пустината: 'исправете го Господовиот пат', како што рече пророкот Исаија."
24. Испратените беа од фарисеите.
25. Тие го прашаа и му рекоа: "Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни Пророкот?"
26. "Јас крштавам со вода" - им одговори Јован - "но меѓу вас стои еден, Кого вие не Го познавате.
27. Тој е Оној Кој доаѓа по мене, на Кого јас не сум достоен да му ги одврзам ремените на Неговите сандали."
28. Тоа се случи во Бетанија, од онаа страна на Јордан, каде што Јован крштаваше.
29. Утредента, Јован Го виде Исус како доаѓа кон него и рече: "Еве Го Божјото Јагне, Кое го отстранува гревот на светот!
30. Овој е Оној за Кого ви реков: "По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене."
31. Јас не Го препознав, но за да му Го објавам на Израел, дојдов да крштавам со вода."
32. Јован сведочеше, говорејќи: "Го видов Духот како слегува од небото како гулаб, и остана над Него.
33. Јас не Го препознав, но Оној Кој ме испрати да крштавам со вода, ми рече: "Bрз Кого ќе видиш како слегува Духот и останува над Него, Тој е Оној Кој ќе крштава со Светиот Дух."
34. Јас видов и сведочам дека Овој е Божјиот Син."
35. Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца свои ученици,
36. и штом Го виде Исуса како поминува, рече: "Еве Го Божјото Јагне!"
37. Кога ги чуја од него тие зборови, обајцата ученици тргнаа по Исуса.
38. Исус се заврте и кога виде дека одат по Него, ги праша: "Што барате?" Тие Му одговорија: "Раби (што значи учител) каде живееш?"
39. "Дојдете и видете!" им рече. И така, отидоа и видоа каде живее, и останаа со Него оној ден, зашто беше околу десеттиот час.
40. Еден од двајцата кои тргнаа по Исус, откако ги чуја Јовановите зборови, беше Андреј, братот на Симон Петар.
41. Тој го најде првин својот брат Симон и му рече: "Го најдовме Месијата (што значи Христос)."
42. И го доведе кај Исус. А Исус, гледајќи го, му рече: "Ти си Симон, синот на Јован; ти ќе се наречеш Кифа (што значи камен)."
43. Следниот ден Исус науми да отиде во Галилеја, па го најде Вилип и му рече: "Следи Ме!"
44. Вилип беше од Бетсаида, од градот на Петар и Андреј.
45. Вилип го најде Натанаил и му рече: "Го најдовме Оној за Кого пишуваа Мојсеј во Законот и пророците, Исус, синот на Јосиф од Назарет."
46. "Може ли да излезе нешто добро од Назарет?", му рече Натанаил. "Дојди и види", му одговори Вилип.
47. Исус виде како Му се приближува Натанаил, и рече за него:"Еве, вистински Израелец, во кого нема лукавство."
48. "Од каде ме познаваш?", го праша Натанаил. Исус му одговори: "Уште пред да те повика Вилип те видов кога беше под смоквата."
49. "Раби! - му одговори Натанаил - Ти си Божјиот Син! Ти си Царот на Израел!"
50. Исус во одговор му рече: "Дали веруваш поради тоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и поголеми нешта од тоа!"
51. И рече: "Bистина, вистина ви велам: отсега ќе ги гледате небесата отворени и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат по Синот Човеков."

      John (1/21)