James (5/5)    

1. Ајде сега, вие богатите, плачете и лелекајте за неволите што идат на вас.
2. Bашето богатство изгни и молците ја изедоа вашата облека.
3. Bашето злато и сребро 'рѓосаа, а нивната 'рѓа ќе биде сведоштво против вас и како оган ќе ги голтне вашите тела. Bашето богатство го натрупавте во последните денови.
4. Ете, заработката на работниците кои ги ожнаа вашите ниви, што вие им ја задржавте, и викотниците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Bојските.
5. На земјата живеевте раскошно и разуздано; ги згоивте своите срца како за ден на клање.
6. Го осудивте, го убивте праведникот, а тој не ви се противи.
7. И така, имајте трпение, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не ги добие раните и доцните дождови.
8. Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто близу е Господовото доаѓање.
9. Не роптајте, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени; ете, Судијата стои пред врата.
10. Како пример за страдањата и долгата трпеливост земете ги, браќа, пророците кои зборуваа во Господовото име.
11. Ете, блажени ги нарекуваме оние кои истрајаа. Чувте за трпението на Јоб, и видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е полн со милост и сочувство.
12. А пред сè, браќа мои, не заколнувајте се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга заклетва! Туку вашето "да", да биде "да", а вашето "не" - "не", за да не паднете под осуда.
13. Страда ли некој меѓу вас, нека се моли. Bесел ли е некој, нека пее псалми.
14. Боледува ли некој меѓу вас? Нека ги повика старешините на црквата, тие нека се помолат над него и нека го помазат со миро во името на Господа,
15. а молитвата со вера, ќе го исцели болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени.
16. И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила.
17. Илија беше човек ист како и ние, и искрено се помоли да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.
18. И пак се помоли, па небото истури дожд и земјата го даде својот плод.
19. Браќа мои, ако некој меѓу вас скршне од вистината и ако некој го врати,
20. нека знае дека оној кој ќе врати грешник од неговиот погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.

  James (5/5)