James (2/5)  

1. Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос и не бидете пристрасни!
2. Зашто ако на вашиот собир дојде човек со златен прстен и со убава облека, а влезе и сиромав во валкана облека,
3. и му укажете посебно внимание на оној во убавата облека, и му речете: "Ти седни тука на убаво место!" а на сиромавиот му речете: "Ти стој таму!" или "Седни долу до моите нозе",
4. не правите ли разлики меѓу себе и така станувате судии со зли мисли?
5. Послушајте, мили мои браќа, не ги избра ли Бог оние кои се сиромаси во очите на светот, за да бидат богати во верата и наследници на Царството кое им го ветил на оние кои Го љубат?
6. А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве угнетуваат и ве влечат по судови?
7. Не го хулат ли тие возвишеното име со кое сте наречени?
8. Ако пак го исполнувате царскиот закон, според Писмото: "Љуби го својот ближен како самиот себе!"- добро правите.
9. Но ако сте пристрасни, правите грев и законот ве осудува како престапници.
10. Бидејќи кој го запазува целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сè.
11. Зашто Оној Кој рекол: "Не врши прељуба!" рекол и : "Не убивај!" Ако не вршиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот.
12. Така зборувајте и така постапувајте како луѓе кои ќе бидат судени според законот на слободата.
13. Зашто осудата ќе нема милост спрема оној кој не покажал милост. Милоста слави победа над осудата.
14. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли таквата вера да го спаси?
15. Ако некој брат или сестра се без облека и имаат потреба од секојдневна храна,
16. па некој од вас им рече: "Одете си во мир, стоплете се и наситете се!", а не им го даде она што им е потребно за телото, каква е ползата од тоа?
17. Така е и со верата: ако нема дела, мртва е сама по себе.
18. Bпрочем, некој ќе рече: ти имаш вера, а јас имам дела; покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата преку моите дела.
19. Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш! И демоните веруваат и треперат.
20. Сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е бесплодна?
21. Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан преку делата кога го принесе својот син Исак на жртвеникот?
22. Гледате дека верата соработуваше со неговите дела, и преку делата верата стана совршена,
23. и така се исполни Писмото, кое вели: "Авраам Му поверува на Бог, и тоа му се припиша за праведност, и беше наречен Божји пријател."
24. Ете човекот се оправдува преку дела, а не единствено преку вера.
25. Исто така и блудницата Рааб, не се оправда ли преку дела, кога ги прими гласниците и кога ги испрати по друг пат?
26. Зашто, како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва.

  James (2/5)