James (1/5)  

1. Јаков, слуга на Бог и на Господ Исус Христос, ви испраќам поздрави на дванаесетте раштркани племиња.
2. Сметајте дека е вистинска радост, браќа мои, кога ќе се сретнете со разни испитувања,
3. знаејќи дека од испитувањето на вашата вера произлегува истрајност!
4. А од истрајноста - совршено дело, за да бидете совршени и целосни, без нешто да ви недостига.
5. Но ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја бара од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без прекор - и ќе му биде дадена.
6. Но нека бара со вера, без никакво сомнение, зашто оној кој се сомнева е сличен на морски бран кого ветрот го крева и го тера.
7. Таквиот човек нека не мисли дека ќе прими нешто од Господ,
8. зашто човекот кој се двоуми е непостојан на сите свои патишта.
9. Бедниот брат нека се фали со својата возвишеност,
10. а богатиот со својата понизност, бидејќи ќе помине како цветот на тревата.
11. Зашто сонцето изгрева со припек и ја овенува тревата, па нејзиниот цвет окапува и исчезнува убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите стремежи.
12. Блажен е човекот кој истрајува во испитувањата, зашто откако ќе биде докажан, ќе го прими венецот на животот што Бог им го вети на оние што Го љубат.
13. Никој, кој се наоѓа во искушение, да не рече: "Бог ме искушува." Зашто, Бог не може да биде искушуван од зло, и Тој Самиот никого не искушува.
14. Туку, секој е искушуван кога го влече и го мами неговата сопствена похота.
15. А откако ќе зачне похотата, таа раѓа грев, а извршениот грев раѓа смрт.
16. Не мамете се, мили мои браќа.
17. Секое добиено добро и секој совршен дар, доаѓаат озгора, и слегуваат од Таткото на светлините, кај Кого нема промена, ниту трага од промена.
18. Тој нè роди според Својата волја, преку словото на вистината, за да бидеме првнина меѓу Неговите созданија.
19. Знајте го ова, мили мои браќа: секој нека биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето и бавен за гнев,
20. зашто човековиот гнев не ја исполнува Божјата праведност.
21. Затоа отфрлете од себе секаква нечистота, и сè што останало од злобата, и примете го со кроткост во вас всаденото Слово кое може да ги спаси вашите души.
22. И бидете извршители на Словото, а не само слушатели кои се мамат себеси.
23. Зашто, кој го слуша Словото, а не го исполнува, прилега на човек, кој го гледа своето сопствено лице во огледало,
24. па откако ќе се погледне и замине, веднаш заборава каков бил.
25. А кој ќе се загледа во совршениот закон, законот на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како делотворен извршител, тој ќе биде блажен во она што го врши.
26. Ако некој мисли дека е религиозен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата религија е безвредна.
27. Ова е чиста и неизвалкана религија пред Бога и Таткото: да се посетуваат сираците и вдовиците кога се во нивната невола, и да се биде неосквернет од светот.

      James (1/5)