Isaiah (63/66)  

1. Кој е Оној, Кој иде од Едом, во црвена одежда од Восор, Кој е толку величествен во облеката Своја, Кој пристапува во полната сила Своја? - "Јас сум, Кој изрекувам правда и сум силен да спасувам."
2. Зошто Твојата облека е црвена, и твоите одежди - како на оној, што газел во каца?
3. "Јас газев во каца сам, и никој од народите не беше со Мене; Јас ги газев во гневот Свој и ги газев во јароста Своја; крвта нивна ми ја прскаше облеката Моја; ја извалкав целата облека Моја;
4. зашто денот за одмазда е во срцето Мое, и годината на искупените од Мене настапи.
5. Јас гледав - и немаше помошник; се чудев, зошто немаше кој да ме поткрепи; но Мојата мишка Ми помогна, и Мојот гнев - тој Ме поткрепи:
6. и во гневот Свој ги згазив народите, ги уништив во јароста Своја и ја излеав на земјата крвта нивна."
7. Kе се секавам на милоста и славата Господова, за се што Господ ни дарува, за големата Негова благост кон домот Израилев што Он ја укажа по милосрдноста Своја и по многуте добрини Свои.
8. Он рече: "Навистина, тие се Мој народ, деца што нема да излажат," - и Он ке биде нивни Спасител.
9. Во секоја нивна жалост Он не ги оставаше и Ангелот на Неговото лице ги спасуваше; со Својата љубов и добросрдечност Он ги искупи, ги зеде и ги носеше през сите древни дни.
10. Но, тие се возбунтуваа и Го огорчија Неговиот Свет Дух; затоа Он им стана непријател, така што Сам војуваше против нив.
11. Тогаш народот Негов си спомна за древните дни, деновите на Мојсеја: каде е Оној што ги изведе од морето со пастирот на Своите овци? Каде е Оној што Го вложи во неговото срце Својот Свет Дух?
12. Кој го водеше Мојсеја за десната рака со Својата величествена мишка и ги раздели пред нив водите, за да си создаде вечно име?
13. Кој ги водеше преку бездни, како коњ по степи и тие не се сопинаа?
14. Како што стадо слегува во долина, - така Духот на Господа ги води кон покој. Така и Ти го водеше Својот народ, за да си создадеш славно име.
15. Sирни од небесата и погледни од Твоето живеалиште на светињата Твоја и на славата Твоја: каде се ревноста и силата Твоја? Големата Твоја милосрдност и милоста Твоја кон мене запрени се.
16. Само Ти си Отец наш; зашто Авраам не не познава, ниту Израил не признава за свои; Ти, Господи, си наш Отец, отсекогаш Твоето име е: "Искупител наш."
17. Зошто Господи, си допуштил да се отстраниме од Твоите патишта, да се ожесточи срцето наше, за да не се плашиме од Тебе? Сврти се заради Твоите слуги, заради племињата на Твоето наследство.
18. Кратко време владееше над него народот на Твојата светиња: непријателите наши го изгазија твоето светилиште.
19. Ние станамве такви, како над кои никогаш да не си владеел, и над кои името Твое да не се спомнувало.

  Isaiah (63/66)