Hebrews (9/13)  

1. Бездруго, и првиот завет имаше уредби за богослужба и за земното светилиште,
2. зашто беше приготвен Шаторот, во чиј надворешен дел беа светилникот, трпезата и обредните лебови, што се вика Свето место.
3. А зад втората завеса, беше другиот дел, наречен Најсвето место
4. со златен олтар за кадење и ковчегот на заветот, опкован со злато од сите страни, во кој имаше златен сад со мана, расцутениот Ааронов жезол и плочите на заветот,
5. а над него херувимите на славата, кои го засенуваа престолот на милоста; но за сето ова сега не можеме да зборуваме подетално.
6. При таквиот распоред, во првиот дел на Шаторот секогаш влегуваат свештениците кога вршат богослужба,
7. а во вториот дел само врховниот свештеник, еднаш во годината, и тоа не без крв, што ја принесува за своите и за гревовите на народот, направени во незнаење.
8. Со тоа Светиот Дух покажува дека патот кон Светото место сè уште не беше откриен; додека сè уште постоеше првиот дел на Шаторот,
9. кој е симболичен приказ за сегашното време, според кој се принесуваат дарови и жртви, кои не можат совршено да му ја исчистат совеста на оној кој ги принесува,
10. зашто се однесуваат само на храна и пијалак, и разни миења - како прописи за телото, наложени до времето на промената.
11. А кога Христос се јави како Bрховен свештеник на идните добри нешта, преку посовршен Шатор, неракотворен, односно, кој не е од ова создавање,
12. влезе еднаш за секогаш во Светото место, и тоа не со крвта на јарци и јунци, туку преку Својата крв, и ни прибави вечен откуп.
13. Зашто, ако крвта на јарците, биковите и пепелта од јуница, со која се попрскуваат осквернетите, осветува за чистење на телото,
14. колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку вечниот Дух Му се принесе Сам Себеси на Бог, без недостаток, ќе ја исчисти вашата совест од мртвите дела, за да Му служите на живиот Бог!
15. Затоа Тој е Посредникот на еден нов завет; за повиканите да го примат ветувањето за вечното наследство, откако поднесе смрт за откуп на престапите направени во првиот завет.
16. Зашто, каде што има завет потребно е да се докаже и смртта на заветувачот.
17. Имено, заветот станува полноважен по смртта, а никогаш не важи додека живее заветувачот.
18. Затоа ни првиот завет не беше воведен без крв.
19. Имено, кога Мојсеј на целиот народ му ја пренесуваше секоја заповед според Законот, земаше крв од јунци и јарци со вода и со црвена волна и со исоп ги попрскуваше свитокот и целиот народ,
20. велејќи: "Ова е крвта на заветот што Бог го склучи со вас."
21. А исто така со крвта ги попрскуваше Шаторот и сите богослужбени садови.
22. И по Законот може да се каже дека речиси сè се чисти со крв, и без пролевање крв нема проштавање.
23. И така, неопходно беше симболите на небесните нешта да се исчистат со овие нешта, а самите небесни нешта со жртви подобри од овие.
24. Зашто Христос не влезе во ракотворено Свето место, кое е само одраз на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред Божјото лице за нас.
25. И не за да се принесе многупати Себеси, како што врховниот свештеник влегува во Светото место секоја година со туѓа крв,
26. зашто инаку ќе требаше да страда многупати од создавањето на светот. Но сега, кон крајот на вековите, Тој се јави еднаш, за да го отстрани гревот со жртвување Себеси.
27. И како што на човекот му е определено да умре еднаш, а потоа на суд,
28. така и Христос, откако беше принесен еднаш за да ги земе гревовите на мнозина, ќе се јави вторпат не заради грев, туку за спасение на оние кои нестрпливо го очекуваат.

  Hebrews (9/13)