Hebrews (7/13)  

1. Мелхиседек, салимскиот цар, свештеник на Севишниот Бог, кој му излезе во пресрет на Авраам кога се враќаше по колежот над царевите, и го благослови,
2. кому Авраам му оддели десеток од сè, чие име преведено првин значи "Цар на праведноста", потоа и "Цар на Салим" односно "Цар на мирот",
3. без татко, без мајка, без родословје, кој нема ниту почеток на деновите, ниту крај на животот, сличен на Божјиот Син, вечно останува свештеник.
4. Гледате ли колку е голем оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен!
5. Навистина и оние од Левиевите синови, кои ја примаат свештеничката служба, имаат заповед според Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие се Авраамови потомци.
6. Но оној, чие родословје не произлегува од нив, зеде десеток од Авраам и го благослови оној кој ги имаше ветувањата.
7. А без сомнение помалиот е благословен од поголемиот.
8. Згора на тоа, овде смртни луѓе земаат десетоци, а онде, оној за кого се сведочи дека живее.
9. Следствено, Леви кој зема десеток, даде десеток преку Авраам,
10. зашто уште беше во бедрото на својот татко, кога го сретна Мелхиседека.
11. И така, ако совршенството беше преку левитското свештенство (зашто народот го прими Законот под него), каква потреба имаше уште да се издигне друг свештеник по редот Мелхиседеков и да не биде назначен по редот Аронов?
12. Имено, кога се променува свештенството, неопходно се променува и Законот.
13. Бидејќи оној за кого ова се зборува му припаѓа на друго племе, од кое никој не служел при жртвеникот.
14. Зашто сосема е јасно дека нашиот Господ произлезе од Јудиното племе, а за свештенство од ова племе Мојсеј не рече ништо.
15. И станува уште појасно, дека ако се јавил друг свештеник, сличен на Мелхиседек,
16. тој не станал тоа според некој закон на телесните прописи, туку според силата на неуништливиот живот.
17. Зашто за него се сведочи: "Ти си свештеник во вечни векови, според редот Мелхиседеков."
18. Имено, од една страна се укинува поранешната заповед, заради нејзината немоќ и бесполезност
19. (зашто Законот не направи ништо совршено), а од друга страна се воведува подобра надеж, преку која се доближуваме до Бог.
20. И покрај тоа што не беше без заклетва
21. (имено, другите станаа свештеници без заклетва, а Тој стана со заклетва преку Оној Кој Му рече: "Господ се заколна и нема да се предомисли, - Ти си свештеник во вечни векови- ");
22. уште повеќе и Исус стана залог на подобар завет.
23. И тие во голем број станаа свештеници зашто смртта ги спречуваше да продолжат,
24. а Тој, пак, има постојано свештенство, зашто останува во вечни векови.
25. Затоа и може да ги спасува за вечни векови оние кои преку Него доаѓаат кај Бог, зашто Тој секогаш живее, за да се застапува за нив.
26. Зашто таков Bрховен свештеник ни требаше и нам: свет, невин, непорочен, одвоен од грешници и повозвишен од небесата,
27. Кој нема секојдневна потреба, како врховните свештеници, да принесува жртви прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот, бидејќи тоа го направи еднаш за секогаш принесувајќи се Самиот Себе.
28. Зашто, Законот поставува немоќни луѓе за врховни свештеници, а зборот на заклетвата, кој дојде по Законот, поставува Син Кој е усовршен во вечни векови.

  Hebrews (7/13)