Hebrews (6/13)  

1. Затоа да го оставиме почетното учење за Христос а да се стремиме кон зрелост и да не поставуваме повторно основа за покајание од мртви дела и за вера во Бог,
2. за учењето за крштавањата, за полагањето на раце, за воскресението на мртвите и за вечниот суд.
3. И тоа ќе го сториме ако дозволи Бог.
4. Зашто за оние кои еднаш биле просветлени, кои го вкусиле небесниот дар, станале соучесници на Светиот Дух
5. и кои ги вкусиле доброто Божјо слово и силите на идниот век,
6. а сепак отпаднале, невозможно е повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно за себеси Го распнуваат Божјиот Син и Го изложуваат на јавен срам.
7. Зашто земјата која го впива дождот што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бог;
8. но ако дава трње и боцки, не чини и е близу да биде проколната; нејзиниот крај завршува во огнот.
9. Иако зборуваме вака, мили мои, уверени сме во подобри нешта за вас - такви кои го придружуваат спасението.
10. Зашто Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте спрема Неговото име, откако им послуживте и сè уште им служите на светиите.
11. Но ние сакаме секој од вас да ја покаже истата ревност, за да има целосна сигурност на надеж до крајот,
12. и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние кои преку вера и трпение ги наследуваат ветувањата.
13. Навистина, кога Бог му даде ветување на Авраам, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна во Самиот Себе,
14. велејќи: "Навистина ќе те благословам и ќе те преумножам."
15. И така, чекајќи трпеливо го доби ветеното.
16. Луѓето, всушност, се колнат во она што е поголемо од нив, и кога ќе се заколнат, завршува секаква натамошна расправија меѓу нив.
17. Така и Бог, сакајќи на наследниците на ветувањето посебно да им ја покаже непроменливоста на Својата цел, се послужи со заклетва,
18. така што преку тие две непроменливи работи, со кои не е можно Бог да лаже, нека имаме цврст поттик да ја досегнеме надежта што е поставена пред нас.
19. Неа ја имаме како сигурна и цврста котва на душата, која навлегува и зад завесата,
20. каде што Исус влезе за нас како претходник, откако стана вечен Bрховен свештеник според редот Мелхиседеков.

  Hebrews (6/13)