Hebrews (5/13)  

1. Зашто, секој врховен свештеник, кој е избран од луѓето, се поставува за луѓето, за да служи пред Бог, за да принесува дарови и жртви за гревови;
2. кој може да биде благ кон оние кои се во незнаење и се заблудени, зашто и самиот е подложен на слабости.
3. И заради тоа, должен е да принесува жртви за гревовите, како за народот, така и за себеси.
4. И никој не ја зема честа за себе, туку ја прима кога Бог го повикува, како и Арон.
5. Така и Христос не се прослави Сам Себеси за да стане Bрховен свештеник, туку Оној Кој Му рече: "Ти си Мојот Син; денес Те родив";
6. како што Тој и на друго место вели: "Ти Си Свештеник во вечни векови, по редот Мелхиседеков."
7. Тој, во деновите на Својот живот во тело, Му принесе молитви и молби со силно викање и солзи, на Оној Кој можеше да Го спаси од смрт, и беше ислушан заради Својата послушност.
8. Иако беше Син, се научи на послушност од она што го претрпе
9. и откако се усоврши, на сите кои Му се послушни им стана Извор на вечно спасение,
10. одреден од Бог за Bрховен Свештеник по редот Мелхиседеков.
11. За него имаме да зборуваме многу, но е тешко да се протолкува, зашто станавте тапи за слушање.
12. Имено, според времето, досега требаше да бидете веќе учители, меѓутоа вам ви е сè уште потребно да ве поучува некој на основните принципи на Божјите откровенија, и потребно ви е млеко, а не тврда храна.
13. Зашто секој што се храни со млеко, не е навикнат во словото на праведноста, зашто е бебе.
14. А тврдата храна е за зрелите, кои преку опитноста ги имаат извежбано сетилата да разликуваат добро и зло.

  Hebrews (5/13)