Hebrews (4/13)  

1. И така, да страхуваме да не биде изостанат некои од вас, додека е сè уште оставено ветувањето за влегувањето во Неговиот спокој.
2. Зашто и нам ни беше проповедана Добрата Bест како и ним. Но немаа полза од словото што го чуја, зашто не беше проследено со вера кај оние кои го беа чуле.
3. Имено, ние кои поверувавме влегуваме во спокојот, токму како што рече Тој: "така што во Својот гнев се заколнав: нема да влезат во Мојот спокој"; иако Неговите дела беа завршени уште од основањето на светот.
4. Зашто Самиот за седмиот ден има некаде кажано вака: "И Бог во седмиот ден се одмори од сите Свои дела."
5. И пак на тоа место: "Нема да влезат во Мојот спокој."
6. И така, бидејќи останува некои да влезат во него, а оние на кои порано им беше проповедано Евангелието не влегоа заради непослушноста,
7. Тој повторно определи еден ден, едно "денес", зборувајќи преку Давид по долго време, токму како што има кажано порано: "Денес ако го чуете Неговиот глас, не закоравувајте ги вашите срца."
8. Зашто, ако Јошуа им дадеше спокој, не би зборувал потоа за друг ден.
9. Значи, на Божјиот народ му останува саботната починка.
10. Имено, оној кој влегол во Неговиот спокој, тој се одморил од своите дела, како и Бог од Своите.
11. И така, да се погрижиме да влеземе во тој спокој, за да не падне некој следејќи го истиот пример на непослушност!
12. Зашто Божјото Слово е живо, делотворно и поостро од секој меч со две сечила, и пробива до разделувањето на душата и духот, на зглобовите и срцевината, и е способно да ги суди мислите и намерите на срцето,
13. и нема создание кое е скриено пред Неговите очи; туку сè е голо и откриено пред очите на Оној пред Кого ќе дадеме сметка.
14. И така, бидејќи имаме Bрховен свештеник, Кој помина низ небесата - Исус, Божјиот Син, да се држиме цврсто за верата која ја исповедаме!
15. Зашто, немаме врховен свештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку таков Кој бил искушуван во сè, како нас, но без грев.
16. И така да пристапуваме смело кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, која ќе ни помогне во време на нужда.

  Hebrews (4/13)