Hebrews (3/13)  

1. Затоа, свети браќа, вие кои учествувате во небесното призвание, насочете ги вашите мисли кон Исус, Апостолот и Bрховниот свештеник на нашето исповедување,
2. Кој Му беше верен на Оној Кој Го постави, како што беше и Мојсеј во целиот Негов дом.
3. Бидејќи Тој беше удостоен со поголема слава од Мојсеј, како што поголема чест од куќата има оној кој ја изградил.
4. Зашто, секоја куќа е изградена од некого, а Бог е градител на сè.
5. Навистина, и Мојсеј му беше верен на целиот Негов дом, како слуга, за сведоштво на оние нешта што требаше да се соопштат подоцна.
6. А Христос беше верен како Син над Својот дом; а Негов дом сме ние, ако докрај ги дочуваме смелоста и радоста на нашата надеж.
7. Bпрочем, како што вели Светиот Дух: "Денес ако го чуете Неговиот глас,
8. не закоравувајте ги вашите срца, како тогаш кога Ме предизвикуваа, како во денот на искушувањето во пустината,
9. каде што вашите татковци се бунтуваа против Мене, предизвикувајќи Ме, и беа очевидци на Моите дела четириесет години.
10. Затоа се разлутив на тоа поколение и реков: - секогаш заблудуваат во своите срца и не ги запознаа Моите патишта -,
11. та во Својот гнев се заколнав: - нема да влезат во Мојот спокој -."
12. Гледајте, браќа, да не би во некого од вас да има зло срце, што не верува, та да отпадне од живиот Бог.
13. Туку бодрете се еден со друг, секојдневно, додека се вели "денес", да не би некој од вас да закорави од измамливоста на гревот.
14. Bпрочем, ние станавме Христови соучесници, само ако почетната увереност ја запазиме цврсто докрај,
15. така што се вели: "Денес ако го чуете Неговиот глас, не закоравувајте ги вашите срца, како тогаш кога Ме предизвикуваа."
16. Имено, кои се тие кои откако чуја Го предизвикаа? Зар не беа тоа сите оние кои излегоа од Египет водени од Мојсеј?
17. А кому му беше гневен четириесет години? Зар не на оние кои згрешија и чии тела паднаа во пустината?
18. А на кои им се заколна дека нема да влезат во Неговиот спокој, ако не на оние кои беа непокорни?
19. И гледаме дека не можеа да влезат поради неверие.

  Hebrews (3/13)