Hebrews (2/13)  

1. Затоа треба уште повеќе да внимаваме на она што го чувме, за да не бидеме одвлечени.
2. Зашто, ако словото изговорено преку ангелите беше цврсто, и ако секој престап и секоја непослушност беа соодветно наплатени,
3. како ќе се извлечеме, ако занемариме толку големо спасение, за кое првин зборуваше Господ, и нам ни беше потврдено од оние кои го беа чуле,
4. откако Бог го посведочи со знаци, со чуда и со разни моќни дела, и со раздавање дарови на Светиот Дух, според Неговата волја.
5. Bпрочем, не им го потчини на ангели идниот свет, за кого зборуваме.
6. Но некој некаде посведочи, велејќи: "Што е човекот, та си спомнуваш за него? Или човековиот син, та да ти значи нешто?
7. Го направи само малку помал од ангелите, со слава и чест го овенча;
8. сè потчини под неговите нозе." А кога му потчини сè, тој ништо не остави непотчинето на себеси. Но сега уште не гледаме дека му е потчинето сè .
9. Но Го гледаме Исус, Кој беше за кратко време помал од ангелите, овенчан со слава и чест заради претрпената смрт, Кој по Божјата благодат ја вкуси смртта за сите.
10. Зашто Му прилегаше Нему, заради Кого е сè и преку Кого е сè, откако приведе многу синови во слава, преку страдање да стане совршен Автор на нивното спасение.
11. Зашто и Оној Кој осветува и оние кои се осветени, сите се од еден Татко, та затоа не се срами да ги нарече браќа,
12. кога вели: "Ќе им го навестам Твоето име на Моите браќа, ќе Те воспеам сред соборот";
13. и пак: "Јас ќе се надевам на Него"; и пак: "Еве ме мене и моите деца, кои Бог ми ги даде."
14. Бидејќи, пак, децата имаат учество во телото и крвта, така и Самиот Тој зеде учество во тоа, та со смртта да го обессили оној кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот,
15. и да може да ги избави оние кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство.
16. Зашто, навистина, Тој не им помага на ангелите, туку му помага на Авраамовото потомство.
17. Затоа требаше во сè да стане како Своите браќа, за да стане милостив и верен Bрховен свештеник за нештата кои се однесуваат на Бог, за да биде жртва за помирување за гревовите на луѓето.
18. Бидејќи, и Самиот страдаше кога беше искушуван, затоа може да им помогне на оние кои се искушувани.

  Hebrews (2/13)