Hebrews (13/13)    

1. Бидете постојани во братската љубов!
2. Не запоставувајте ја гостољубивоста, зашто некои преку неа, без да знаат, примија ангели на гости!
3. Имајте ги на ум затворениците, небаре сте и вие во пранги, како и измачуваните, зашто и самите сте во тело!
4. Сите да го почитуваат бракот и брачното легло неосквернето, зашто Бог ќе им суди на блудниците и прељубниците.
5. Bашиот начин на живеење нека биде ослободен од среброљубие, бидете задоволни со она што го имате, зашто Тој рече: "Никогаш нема да те напуштам , ниту ќе те заборавам!"
6. Затоа можеме смело да речеме: "Господ ми е помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човекот?"
7. Сеќавајте се на оние што ве водеа, кои ви го говореа Божјото слово. Гледајте на резултатот од нивниот начин на живеење, имајте ја за пример нивната вера!
8. Исус Христос е истиот вчера, денес и во вечни векови.
9. Не дозволувајте да ве заведат со разни и туѓи учења, зашто добро е срцето да биде зацврстено со благодат, а не со јадења, од кои немаа полза оние кои живееја така !
10. Ние имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат служителите на Шаторот.
11. Зашто телата на животните чија што крв врховниот свештеник ја внесува во Светилиштето како жртва за гревовите, се палат надвор од населбата.
12. Затоа и Исус, за да го освети народот преку Својата крв, настрада надвор од градската порта.
13. И така, да појдеме кон Него, надвор од населбата, носејќи ја Неговата поруга,
14. зашто тука немаме траен град, туку го бараме идниот.
15. И така преку Него постојано да Му принесуваме на Бог благодарствена жртва, односно плод од усните кои му благодарат на Неговото име.
16. А не заборавајте да вршите добри дела и да споделувате со другите, зашто таквите жртви Му се по волја на Бог!
17. Бидете им послушни на вашите водачи и покорувајте им се, зашто тие бдеат над вашите души како такви кои за тоа ќе одговараат. Нека го прават тоа со радост, а не со негодување, зашто тоа не би било полезно за вас.
18. Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест и сакаме да се однесуваме добро во сè.
19. Згора на тоа, ве молам да го правите тоа за да ви бидам вратен побргу.
20. А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го изведе од мртвите Bеликиот Пастир на овците, нашиот Господ Исус,
21. нека ве усоврши во секое добро за да ја извршувате Неговата волја, вршејќи го во нас она што му е мило Нему, преку Исус Христос, чија слава нека е во вечни векови. Амин!
22. Bе молам, браќа, да го примите ова слово на охрабрување, зашто ви го напишав накратко.
23. Знајте дека нашиот брат Тимотеј е ослободен, и ако дојде наскоро, со него ќе ве посетиме.
24. Поздравете ги сите ваши водачи и сите светии. Bе поздравуваат оние од Италија.
25. Благодат со сите вас.

  Hebrews (13/13)