Hebrews (12/13)  

1. Затоа и ние, кои имаме околу себе толкав облак сведоци, да ги отфрлиме настрана секое бреме и грев кој лесно нè сплеткува, и да ја трчаме со трпение трката што ни претстои,
2. гледајќи во Исус, Авторот и Довршителот на нашата вера, Кој поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот и седна оддесно на Божјиот престол.
3. Размислете за Него, Кој претрпе од грешниците такви противења против Себеси, за да не премалите и се обесхрабрите.
4. Сè уште не сте се противставиле до крв во борбата против гревот,
5. и го заборавивте предупредувањето кое ви е наменето вам како на синови: "Сине мој! Не презирај ги Господовите прекори, ни дух губи кога те прекорува,
6. зашто кого Господ го љуби, него и го кара, а го бие секој син, кого што го прима."
7. Ако трпите казни, Бог постапува со вас како со синови. Зашто кој е тој син, кого таткото не го казнува?
8. А ако сте пак без казна, од која сите добиле дел, тогаш сте незаконски деца, а не синови.
9. Освен тоа, нашите телесни татковци нè казнуваа, и ние ги почитувавме. Зар нема да Му се покориме на Таткото на духовите, и така да живееме?
10. Имено, тие нè казнуваа за кратко, како што сметаа дека е најдобро, а Тој нè казнува за наша полза, за да станеме учесници во Неговата светост.
11. Навистина, секоја казна во сегашноста не изгледа дека е за радост, туку за жалост. Но, подоцна им донесува мирен плод на праведноста на оние кои се обучувале преку неа.
12. Затоа закрепнете ги премалените раце и немошните колена,
13. и израмнете ги патеките за вашите нозе, за да не се шине сакатиот, туку, напротив, да се исцели.
14. Стремете се кон мир со сите, и кон светоста без која никој не може да Го види Господ,
15. гледајте никој да не остане без Божјата благодат, за да не изникне некој корен на горчина и за да не ве вознемири, за да не се осквернат со него мнозина;
16. да не биде некој блудник или безбожник како Есав, кој за едно јадење го продаде своето првородство,
17. зашто знаете дека подоцна кога посака да го наследи благословот, беше отфрлен, оти не најде место за покајание, иако го бараше со солзи.
18. Зашто, вие не пристапивте кон гора што може да се допре и огнен пламен; ни кон темнина, ни кон мрак, ни кон луња,
19. ни кон звук на труба, ни кон глас на зборови кои звучеа така, што слушателите молеа да не им се зборува веќе,
20. зашто не можеа да ја поднесат заповедта: "Ако и животно ја допре гората, ќе биде каменувано."
21. А глетката беше толку страшна, што и Мојсеј рече: "Исплашен сум и треперам."
22. Туку, вие пристапивте до гората Сион, до градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, до десетици илјади ангели,
23. до сеопштиот собор и црквата на првородените, кои се запишани на небесата, и до Бог, Судијата на сите, и до духовите на усовршените праведници;
24. до Исус, посредникот на еден нов завет и до крвта за попрскување, која зборува подобро од Абеловата.
25. Гледајте да не Го одбиете Оној Кој зборува! Зашто, ако не избегаа оние кои Го одбија Оној Кој предупредуваше на земјата, уште помалку ќе избегаме ние, ако се отстраниме од Оној Кој предупредува од небесата!
26. Неговиот глас ја потресе тогаш земјата, а сега ветува, велејќи: " Јас ќе ја потресам уште еднаш не само земјата, туку и небото."
27. А тоа 'уште еднаш', укажува на отстранување на оние нешта што може да бидат потресени, како што се создадените нешта, за да останат оние нешта што не можат да бидат потресени.
28. Затоа, бидејќи примивме Царство кое не може да се расклати, да имаме благодат, и така да Му служиме угодно на Бога каква што милува со страхопочит,
29. зашто нашиот Бог е оган што проголтува.

  Hebrews (12/13)