Hebrews (11/13)  

1. А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и осведочување за нештата што не се гледаат.
2. Зашто преку неа претците добија сведоштво.
3. Со вера разбираме дека световите се создадени со Божјиот збор, така што видливото произлегло од невидливото.
4. Со вера Авел Му принесе на Бог подобра жртва од Каиновата, преку која прими сведоштво дека е праведен, зашто Бог посведочи за неговите дарови, и преку вера тој сè уште зборува, иако е умрен.
5. Преку вера Енох беше грабнат, за да не види смрт, и не можеше да биде најден, зашто Бог го зеде, бидејќи пред неговото земање, тој доби сведоштво дека Му угодил на Бог.
6. А без вера не е можно да Му се угоди, зашто оној кој Му пристапува на Бог мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние кои Го бараат.
7. Со вера Ное, откако беше известен за она што уште не се гледаше, со страхопочит, приготви ковчег за спасение на својот дом, со што го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера.
8. Со вера Авраам послуша, кога беше повикан да излезе на местото што требаше да го прими во наследство, и тргна не знаејќи каде оди.
9. Преку вера живееше како новодојден во ветената земја, како во туѓа, живејќи во шатори заедно со Исак и Јаков, сонаследници на истото ветување,
10. зашто го очекуваше градот кој има темели, кому Бог му е Градител и Творец.
11. Преку вера и самата Сара стана способна да зачне, иако беше во напредната возраст, зашто Го сметаше за верен Оној Кој и беше ветил.
12. Затоа од еден, и тоа речиси мртов, се роди многу народ "колку ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег, што не може да се изброи."
13. Сите овие умреа верувајќи, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и новодојдени на земјата.
14. Зашто, тие кои зборуваат така покажуваат дека бараат татковина.
15. И ако навистина мислеа на онаа од која излегоа, ќе имаа можност да се вратат,
16. но сега, копнеат по подобра, односно небесната. Затоа Бог не се срами да биде наречен нивни Бог, зашто им приготви град.
17. Со вера Авраам, кога беше испитуван, го принесе Исака, и оној кој ги прими ветувањата, го принесе својот единороден син.
18. Нему му беше речено: "По Исак ќе биде наречено твоето потомство." Тој сметаше дека Бог може и од мртвите да воскреснува,
19. затоа го прими како претслика на воскресението.
20. Со вера Исак ги благослови Јаков и Есав, и во однос на идните нешта.
21. Со вера Јаков, додека умираше, ги благослови сите Јосифови синови, и им се поклони, потпирајќи се на врвот од овчарскиот стап.
22. Со вера Јосиф, на умирање, спомна за излегувањето на израеловите синови и даде упатства за своите коски.
23. Преку вера Мојсеј, кога се роди, беше криен три месеци од неговите родители, зашто видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царската заповед.
24. Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го нарекуваат син на фараоновата ќерка,
25. и повеќе сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да ужива во минливите гревовни наслади.
26. Зашто Христовиот срам го сметаше за поголемо богатство од египетските ризници, бидејќи ја имаше предвид наградата.
27. Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царевиот гнев, зашто издржа како да Го гледа Невидливиот.
28. Преку вера ја прослави Пасхата и изврши попрскување со крв, за да не го допре оној кој ги сотруваше првородените.
29. Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а Египќаните, кога се обидоа, се издавија.
30. Преку вера паднаа ерихонските ѕидини, по седумдневното обиколување околу нив.
31. Преку вера блудницата Рааб не загина со непокорните, откако со мир ги прими извидниците.
32. И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време кога би почнал да раскажувам за Гидеон, Барак, Самсон, Јефтај, за Давид и Самоил, и за пророците
33. кои преку вера победија царства, извршија дела на праведност, добија ветувања, им затворија усти на лавови,
34. ја угаснаа моќта на огнот, го избегнаа сечилото на мечот, од немоќни станаа силни; станаа силни во бој и натераа во бегство туѓи војски.
35. Жени ги примија назад своите умрени преку воскресение, а други беа мачени и не беа избавени, за да добијат подобро воскресение.
36. Други доживеаја подбиви и удари, а покрај тоа и окови и зандана.
37. Беа каменувани, со пила сечени надве, искушувани, умираа од меч, талкаа во овчи и козји кожи; во немаштија, во неволи и мачени
38. (оние за кои светот не беше достоен), талкаа по пустини, по гори, по пештери и по јами вземи.
39. И сите тие, иако се докажаа преку верата, не го примија ветеното,
40. зашто Бог предвиде нешто подобро за нас, за да не дојдат до совршенство без нас.

  Hebrews (11/13)