Hebrews (10/13)  

1. Бидејќи Законот е само сенка на идните добри нешта, а не и самата суштина на нештата, не може никогаш со истите жртви, што секоја година постојано се принесуваат, да ги направи совршени оние кои пристапуваат.
2. Инаку, зар не би престанале да ги принесуваат, зашто оние кои ги принесуваат, откако еднаш биле исчистени, веќе не би биле свесни за грев?
3. Но со тие жртви, тие секоја година потсетуваат на гревовите
4. зашто невозможно е крвта на биковите и јарците да отстранува гревови.
5. Затоа, кога Тој влезе во светот, рече: "Жртви и приноси Ти не посака, но телото ми го подготви.
6. Сепаленици и жртви за грев не Ти се по волја."
7. Тогаш реков: "Еве, доаѓам (во свитокот е напишано за Мене) да ја исполнам Твојата волја, О Боже."
8. Додека погоре пишува: "Жртви и приноси, сепаленици и жртви за грев не посака, ниту Ти се по волја" (а се принесуваат според Законот),
9. потоа рече: "Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја." Го отстранува првото, за да го воспостави второто.
10. Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш.
11. И секој свештеник секојдневно служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да отстранат гревови.
12. Но Тој откако принесе само една жртва за гревовите, еднаш за засекогаш, седна оддесно на Бог,
13. и чека сè уште додека Неговите непријатели бидат направени подношка за Неговите нозе.
14. Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние кои се осветени.
15. А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече:
16. "Ова е заветот, што ќе го склучам со нив по оние денови - вели Господ- ќе ги втиснам Моите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум,
17. и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам."
18. А каде што има проштавање за овие нешта, таму нема веќе приноси за грев.
19. И така, браќа, имаме слобода да влегуваме во Светото место преку Исусовата крв,
20. Кој низ завесата ни отвори нов и жив пат, кој е Неговото тело,
21. и бидејќи имаме Bрховен свештеник над Божјиот дом,
22. да пристапиме со искрено срце во целосна слобода на верата, со срца кои преку попрскување се исчистени од зла совест и со тело измиено со чиста вода.
23. Цврсто да го држиме исповедувањето на нашата надеж, непоколебливо, зашто верен е Оној Кој ветил
24. и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела,
25. не напуштајќи ги заедничките собирања, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден со друг, и тоа толку повеќе, колку што гледате дека наближува Денот!
26. Зашто, ако продолжиме да грешиме свесно откако го примивме познавањето на вистината, нема веќе жртва за гревови,
27. туку само страшно очекување на судот и жестината на огнот, што ќе ги проголта противниците.
28. Кога некој го прекршува Мојсеевиот Закон умира без милост, при сведоштво на двајца или тројца сведоци.
29. Колку построга казна, мислите, ќе заслужи оној кој Го погазил Божјиот Син и ја смета нечиста крвта на заветот, со која бил осветен, и Го навредил Духот на благодатта?
30. Зашто ние Го знаеме Оној Кој рече: "Одмаздата е Моја, Јас ќе возвратам!" И пак: "Господ ќе му суди на Својот народ."
31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог.
32. Но спомнете си за поранешните денови, кога откако бевте просветлени, претрпевте големи страдања,
33. со тоа што бевте понекогаш јавно изложени на хулења и неволи, а понекогаш станувате соучесници на оние кои така страдаат.
34. Зашто покажавте сочувство спрема оние кои беа во окови и со радост го поднесовте разграбувањето на вашиот имот, знаејќи дека имате подобар и траен имот.
35. И така, не отфрлајте ја вашата доверба, која има голема награда.
36. Имено, вам ви е потребно трпение, па откако ќе ја исполните Божјата волја, да го добиете ветеното.
37. Зашто уште малку, мошне малку, и: "Оној Кој доаѓа, ќе дојде, и нема да се забави.
38. А Мојот праведник ќе живее по вера; а ако се повлече, на Мојата душа нема да и биде по волја."
39. Но ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои имаат вера за зачувување на душата.

  Hebrews (10/13)