Galatians (4/6)  

1. Bи велам, пак, додека наследникот е дете, со ништо не се разликува од робот, иако е господар на сè,
2. туку е под старатели и управители до рокот определен од таткото.
3. Така и ние, додека бевме малолетни, бевме заробени под првобитните принципи на светот,
4. а кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена, роден под Законот,
5. за да ги откупи оние што беа под Законот, за да го примиме посинувањето.
6. А бидејќи сте синови, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син, Кој вика: "Аба, Татко!"
7. Затоа не си повеќе роб, туку син, а ако си син, тогаш си и наследник преку Бог.
8. Но вие порано, не познавајќи Го Бог, им бевте робови на оние кои по природа не се богови.
9. А сега, откога Го познавате Бог, или уште подобро, откако Бог ве позна вас, како можете пак да им се враќате на слабите и бедни принципи, на кои сакате пак одново да им робувате?
10. Bнимавате на деновите, месеците, времињата и годините.
11. Се плашам за вас, да не се трудев напразно за вас.
12. Bе молам, браќа, бидете каков што сум јас, зашто и јас сум како вас! Bие со ништо не ми згрешивте.
13. А знаете дека првиот пат, заради телесна немоќ, ви го проповедав Евангелието;
14. и испитувањето кое беше за вас во моето тело, не го отфрливте, ниту се згнасивте од него, туку ме примивте како Божји ангел, како да бев Христос Исус.
15. Сега, каде е она ваше блаженство? Зашто ви сведочам, дека ако беше можно, ќе ги извадевте и своите очи и ќе ми ги дадевте мене.
16. Дали ви станав непријател затоа што ви ја зборувам вистината?
17. Тие се ревносни, но не за ваше добро, туку сакаат да ве одвојат, за да одите по нив.
18. Меѓутоа, добро е секогаш да се стремите кон доброто, а не само кога сум јас кај вас.
19. Чеда мои, кои повторно со мака ве раѓам додека Христос се обликува во вас,
20. би сакал да сум сега кај вас, и да ви се обратам со поинаков тон, зашто сум во недоумица за вас.
21. Кажете ми, вие кои сакате да бидете под законот, не го слушате ли законот?
22. Зашто е напишано дека Авраам имаше два сина, едниот од робинка, а другиот од слободна.
23. Но оној од робинката роден е по тело, а оној од слободната преку ветување.
24. Ова е речено сликовито: тие жени се двата завета; едниот од гората Синај, кој раѓа за ропство; тој е Агара,
25. а Агара е Синајската Гора во Арабија и одговара на сегашниот Ерусалим, кој робува со своите деца.
26. Но горниот Ерусалим е слободен, тој е нашата мајка,
27. зашто е напишано: "Bесели се неротко, ти која не си родила; воскликни радосно, ти, која не си видела породилни маки; зашто повеќе деца има оставената, отколку онаа што има маж. "
28. А вие сте, браќа, деца на ветувањето како Исак.
29. И како што во тоа време оној што се роди по тело, го прогонуваше оној што се роди по дух, така е и сега.
30. А што вели Писмото? "Истерај ја робинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката нема да биде наследник со синот на слободната!"
31. Затоа, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.

  Galatians (4/6)