Galatians (3/6)  

1. О неразумни Галати! Кој ве маѓепса вас, пред чии очи Исус Христос беше прикажан како распнат?
2. Сакам само ова да го дознам од вас: дали Го примивте Духот врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера?
3. Толку ли сте неразумни? Почнавте со Духот, и зарем сега совршени станавте преку телото?
4. Дали толку многу страдавте залудно, ако навистина беше залудно!
5. А Оној Кој ви го дава Духот и прави моќни дела меѓу вас, дали го прави тоа врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера?
6. Како што и Авраам "му поверува на Бог и тоа му се припиша за праведност."
7. Затоа, бидете сигурни, дека Авраамови синови се оние кои се од верата.
8. А и Писмото предвиде дека Бог преку вера ќе ги оправда другите народи, и однапред му го навести Евангелието на Авраам, велејќи: "Bо тебе ќе бидат благословени сите народи."
9. И така, оние кои се од верата, благословени се со Авраам кој веруваше.
10. Bсушност, оние што ги прават делата на Законот, проколнати се, бидејќи е пишано: "Проклет да е секој, кој не е постојан во сè што е напишано во книгата на Законот и не го исполнува тоа."
11. А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто "Праведникот ќе живее преку вера."
12. А Законот не дејствува преку верата, туку вели: "Кој ги исполнува, ќе живее преку нив."
13. Христос нè откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: "Проклет да е секој што виси на дрво!",
14. та во Христос Исус Авраамовиот благослов да дојде на народите и преку вера да Го примиме ветувањето на Духот.
15. Браќа, зборувам како човек, заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто.
16. А ветувањата им беа дадени на Авраам и на неговото потомство. И не вели: "И на потомците", како за мнозина, туку како за еден: "И на твоето потомство", Кое е Христос.
17. Го велам и ова: Законот што настапи по четиристотини и триесет години, не го поништува заветот, што Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето.
18. Зашто, ако наследството доаѓа од законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраам преку ветување.
19. Тогаш, зошто е Законот? Тој беше даден заради престапите, откако беше воведен со ангели со помош на посредник, додека не дојде потомокот, кому Му беше дадено ветувањето.
20. Посредник, пак, нема таму каде што е само еден, а Бог е Еден.
21. Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот.
22. Но Писмото сите ги става под грев, та врз основа на верата во Исус Христос ветувањето да им биде дадено на оние што веруваат.
23. А пред да дојде верата, бевме држани под старателство на законот, чувани за верата која требаше да се открие.
24. Така, Законот ни стана наш воспитувач до Христос, за да бидеме оправдани преку верата.
25. А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувач.
26. Зашто, сите сте Божји синови преку вера во Христос Исус,
27. бидејќи сите кои се крстивте во Христос, се облековте со Христос.
28. Нема веќе ни Евреин ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христос Исус.
29. А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово потомство, наследници според ветувањето.

  Galatians (3/6)