Galatians (2/6)  

1. По четиринаесет години пак отидов горе во Ерусалим со Барнаба, земајќи го со себе и Тит.
2. А отидов горе по откровение и им го изложив Евангелието кое го навестувам меѓу неевреите, но насамо на видните, од страв да не трчам или да не сум трчал напразно.
3. Но ни Тит, кој беше со мене, иако Грк, не беше принуден да се обреже,
4. и тоа заради лажните браќа, кои се беа вовлекле за да ја душкаат нашата слобода која ја имаме во Христос Исус, за да нè поробат.
5. Но не им се потчинивме ни за час, за да остане со вас вистината на Евангелието.
6. А што се однесува до оние кои беа сметани за видни (какви и да биле некогаш, мене ми е сеедно; Бог не гледа кој е кој), тие видните ништо не ми придадоа.
7. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми беше доверено Евангелието меѓу необрежаните, како што му беше на Петар меѓу обрежаните
8. (зашто Оној што дејствуваше во Петар за апостолство меѓу обрежаните, ме оспособи и мене за необрежаните)
9. и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ми ја подадоа мене и на Барнаба десната рака во знак на заедништво; за да одиме ние кај неевреите, а тие кај обрежаните;
10. само да си спомнуваме за бедните, што и без тоа сакав да го правам.
11. А кога Кифа дојде во Антиох, му се противставив в лице, зашто требаше да биде осуден.
12. Имено, пред да дојдат некои луѓе од Јаков, тој јадеше со неевреите, но кога дојдоа овие тој се повлече и се тргна настрана, заради страв од обрежаните.
13. Со него се двоеја и другите Евреи, така што нивното лицемерство го заведе и Барнаба.
14. Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: "Ако ти, кој си Евреин, живееш како неевреин, а не јудејски, како можеш да ги принудуваш неевреите да живеат јудејски?
15. Ние по раѓање сме Евреи, а не грешници од неевреите,
16. но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку вера во Христос Исус, и ние поверувавме во Христос Исус, за да бидеме оправдани преку вера во Христос, а не преку делата на Законот; зашто од делата на Законот нема да се оправда ниту еден.
17. Но ако и ние самите, сакајќи да се оправдаме во Христос, се најдовме грешници, дали тогаш Христос му служи на гревот? Никако!
18. Зашто, ако повторно го ѕидам она што сум го разурнал, покажувам дека сум престапник;
19. бидејќи преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бог.
20. Со Христос бев распнат; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене, а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме засака и Се предаде Себеси за мене .
21. Не ја поништувам Божјата благодат, зашто ако праведноста доаѓа преку Законот, тогаш Христос умре залудно.

  Galatians (2/6)