Ezra (9/10)  

1. Откако се сврши тоа, началниците се приближија до мене и рекоа: "Народот Израилев и свештениците и левитите не се одвоија од другоплемените народи поради нивните гнасотии, од Хананејците, Хетејците, Ферезејците, Јевусејците, Амонитите, Моавците, Египтјаните и Аморејците,
2. зашто зедоа нивни керки за себе и за синовите свои, светото семе се смеша со другоплемени народи, а при тоа раката на кнезовите и војводите беше прва во тоа беззаконие."
3. Откако ги чув тие зборови, ја раскинав долната и горната своја облека, ги кубев косите на главата своја и на брадата своја и седев нажален.
4. Тогаш се собраа кај мене сите, што се уплашија од зборовите на Бога Израилев поради престапите на преселниците, и јас седев тажен до вечерната жртва.
5. А во време на вечерната жртва станав од местото на моето тагување и со раскината долна и горна облека паднав на колена и ги кренав рацете кон Господа, мојот Бог,
6. и реков: "Боже мој, срам ми е и страв ми е да го покажам моето лице кон Тебе, Боже мој, зашто беззаконијата ни се натрупаа до над главата, и вината ни нарасна до небесата.
7. Од дните на татковците наши до денес ние сме во голема вина, и поради нашите беззаконија бевме предадени ние, царевите наши, свештениците наши, - во рацете на другоземни цареви, на меч, во пленство, на грабеж и навреди, како што е и сега.
8. И ете, по малку време, ни се дарува милост од Господа, нашиот Бог, кој остави кај нас спасение и ни даде да се утврдиме во местото на светињата Негова; ни ги просвети очите нашиот Бог и ни даде да здивнеме малку од ропството свое.
9. Ние сме робови, но и во ропството нашиот Бог не не остави. Он ја приведе кон нас милсота на персиските цареви, за да се соживееме, да го подигнеме домот на нашиот Бог, да го обновиме од урнатините негови, а ни дадоа ограда во Јудеја и во Ерусалим.
10. А сега, што да кажеме, Боже наш, потоа? Зашто ние отстапивме од Твоите заповеди,
11. што ни ги даде преку Твоите слуги, пророците, велејки: ‘земјата, во која одите, за да ја завладеете, е земја нечиста; таа е извалкана од нечистотиите на другоплемени народи, со нивни гнасотии, со кои ја наполнија открај докрај со своите нечистотии.
12. Затоа не ги давајте керките свои за синовите нивни, и керките нивни не ги земајте за синовите свои, и не барајте го мирот нивни, ниту благата нивни до века, за да се утврдите и храните со благата на таа земја и да ја предадете во наследство на синовите свои до века.
13. И по се што не снајде поради лошите дела наши и поради големата вина наша и, - зашто Ти, Боже наш, не поштеди не според беззаконието наше, туку ни даде такво избавување, -
14. зарем пак ке ги нарушуваме Твоите заповеди и ке влегуваме во родство со тие одвратни народи? Нема ли да се разгневиш на нас дури до погубување, така што да нема живи и да нема спасени?
15. Господи, Боже Израилев! Ти си праведен, зашто ние бевме нажалени до денес; и еве, ние сме во беззаконијата свои пред Твоето лице, макар што по тоа не би требало да стоиме пред Твоето лице."

  Ezra (9/10)