Ezra (1/10)  

1. Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни словото Господово од устата на Јеремија, го возбуди Господ духот на Кира, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото царство, усно и писмено:
2. вака вели Кир, царот персиски: "Господ, Бог небесни, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да му изградам дом во Ерусалим што е во Јудеја.
3. Кој ме у сите вас е од Неговиот народ, - Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господа, Бога Израилев, на оној Бог, Кој е во Ерусалим.
4. А сите, што останале во другите места, каде и да живее тој, нека му помогнат жителите од тие места со сребро, со злато, со друг имот, со добиток и доброволни прилози за Божјиот дом, кој е во Ерусалим."
5. Тогаш станаа кнезовите на племињата Јудини и Венијаминови, свештениците и левитите, секој, чиј дух го возбуди Господ, да одат да го градат Господовиот дом, кој е во Ерусалим.
6. И сите нивни соседи им помагаа со сребрени садови, со злато, со друг имот и со добиток и со скапи предмети, покрај добороволните приноси за храмот.
7. А царот Кир ги извади садовите на Господовиот дом, што Навуходоносор ги беше одзел од Ерусалим и ги беше поставил во домот на својот бог, -
8. ги изнесе Кир, царот персиски со раката на Митридат, ризничар, а тој ги предаде под број на Сасавасар, кнез Јудин.
9. И еве го бројот нивни: златни чинии - триесет, сребрени чинии - иљада, ножеви - дваесет и девет.
10. златни чаши - триесет, сребрени чаши, двојни - четиристотини и десет, други садови - иљада;
11. вкупно садови, златни и сребрени, пет иљади и четиристотини. Сето тоа го зеде со себеси Сасавасар, кога преселниците тргнаа од Вавилон за Ерусалим.

      Ezra (1/10)