Exodus (38/40)  

1. И направи од дрвото ситим жртвеник за жртви сепаленици; пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, три лакти висок, и ги опкова со бакар;
2. а направи и рогови на неговите четири агли, така што роговите да излегуваат од него, и го опкова со бакар.
3. И ги направи сите садови за жртвеникот: котлиња, кадилниците, чашките и вилушките, и клештите; сите потреби му ги направи од бакар.
4. а на жртвеникот му направи решетка од бакар како мрежа на дното, од дното па до средината наоколу;
5. и излеа четири алки за четирите агли на решетката од бакар, за да се провлечат низ нив лостови за носење.
6. А лостовите ги направи од дрвото ситим и ги опкова со бакар.
7. Па ги провлече лостовите низ алките од обете страни на жртвеникот, за да може да се носи; од штици го направи, празен одвнатре.
8. Направи и мијалник од бакар и подножје од бакар со убави шарки, кои го красеа влезот на скинијата на сведоштвото.
9. И двор направи од јужната страна, а завесите му беа од ткаен висон, по сто лакти долги;
10. дваесет столбови за нив, и дваесет подножја под нив од бакар; а кукичките за столбовите и лостовите беа од сребро.
11. Така и од северната страна, сто на сто лакти; столбови за нив дваесет и подножја под нив од бакар дваесет; а и кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро.
12. А од западната страна завеси од педесет лакти: десет столбови за нив, и подножја - десет; кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро;
13. и од источната страна, завеси од педесет лакти.
14. За западната страна на вратата завеси од петнаесет лакти, три столбови за нив и три подножја под нив;
15. и за другата задна страна (отаде и одовде на вратата однадвор) завеси од петнаесет лакти, три столба за нив, и подножја под нив - три.
16. Сите завеси на дворот наоколу беа од ткаен висон.
17. а подножјата од столбовите - од бакар, кукичките за столбовите и лостовите на нив - од сребро; и врвовите нивни беа со сребро обложени; и сите столбови на дворот беа со сребро поврзани.
18. А завесата на вратата од дворот - везена - од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, долга дваесет лакти, а во висина по ширината пет лакти, како и другите завеси во дворот;
19. и четири столба за нив, и четири подножја под нив од бакар; кукичките им беа од сребро, а врвовите нивни посребрени.
20. Сите колчиња околу скинијата и дворот беа од бакар.
21. Ете, тоа се изработките за скинијата на сведоштвото, направени по заповедта на Мојсеја за левитите а под надзор на свештеникот Итамара, син на Арона.
22. А се‘ она како што му заповеда Господ на Мојсеја, го направи Веселеил, син на Урија, синот Оров, од племето Јудино.
23. И со него Елијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, резбар, вешт ткајач и везач на порфирна ткаенина сина, црвена и темноцрвена и на ткаен висон.
24. Сето злато, што беше употребено за сите потреби на светилиштето, злато, принесено на дар, беше дваесет и девет таланти и седумстотини и триесет сикли, свештени сикли;
25. а среброто преброено од дародавците - сто таланти и иљада седумстотини седумдесет и пет сикли, свештени сикли.
26. По половина сикла од човек, пресметано според свештената сикла, од секој што доа а на пребројување, од дваесет години и нагоре, од шестотини и три иљади и петстотини и педесет души.
27. Сто таланти сребро беа употребени за лиење на подножјата за светилиштето и подножјата за завесите; сто подножја од сто таланти, по талант на подножје;
28. а од иљада и седумстотини и седумдесет и петте сикли тој направи кукички за столбовите и опков за врвовите нивни, а направи и лостови за нив.
29. А од принесениот дар во бакар имаше седумдесет таланти, и две иљади и четиристотини сикли;
30. и од него ги направи тој подножјата за влезот во скинијата на сведоштвото, и жртвеникот од бакар како и решетката од бакар за него, и сите садови за жртвеникот;
31. подножјата за целиот двор наоколу, подножјата за вратата на дворот, и сите колчиња за скинијата и сите колчиња за дворот наоколу.

  Exodus (38/40)