Ephesians (6/6)    

1. Деца, бидете им послушни на своите родители во Господ, зашто така е исправно.
2. "Почитувај ги својот татко и мајка (тоа е првата заповед со ветување)
3. за да ти биде добро и за да живееш долго на земјата!"
4. А вие, татковци, не дразнете ги вашите деца, туку воспитувајте ги во Господовиот ред и учење.
5. Робови, покорувајте им се на вашите господари по тело со страв и трепет, во простота на своето срце, како на Христос!
6. Не служете им само пред очите, како оние кои им угодуваат на луѓето, туку како Христови слуги, кои од сета душа ја извршуваат Божјата волја!
7. Служете доброволно како на Господ, а не на луѓе,
8. знаејќи дека секој, било роб или слободен, ако направи нешто добро, ќе го добие истото од Господ!
9. А вие, господари, правете им го истото ним, без закани, знаејќи дека нивниот и вашиот Господар е на небесата и дека Тој не е пристрасен!
10. Најпосле, бидете силни во Господ и во силата на Неговата моќ!
11. Облечете се во сето Божјо оружје, за да можете да устоите на лукавствата на ѓаволот.
12. Зашто нашата борба не е против крв и месо, туку против управителите, против властите, против световните мрачни сили на овој свет, против духовните сили на злото на небесата.
13. Затоа земете го сето Божјо оружје, за да можете да се противставите во лош ден и откако ќе свршите сè, да се одржите!
14. Затоа, стојте цврсто, препашани со вистината преку половината, облечени во оклопот на праведноста
15. и со нозе обуени со подготвеност за Евангелието на мирот!
16. А освен тоа земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите огнени стрели на злиот,
17. земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот - кој е Божјото слово,
18. со секаква просба и молитва, молете се во Духот во секое време, и заради тоа бдејте со сета истрајност и со молба за сите светии
19. и за мене, за да ми се даде порака кога ќе ја отворам устата, за да можам смело да ја соопштувам тајната на Евангелието,
20. за кое сум пратеник во окови, за да зборувам смело како што и треба да зборувам.
21. А за да знаете сè за мене и за сè што работам, ќе ве извести Тихик, милиот брат и верен служител во Господ,
22. кого го праќам кај вас токму затоа, за да дознаете како сме ние и за да ги утеши вашите срца.
23. Мир на браќата и љубов со вера од Бог Таткото и од Господ Исус Христос!
24. Благодат со сите, кои беспрекорно Го љубат нашиот Господ Исус Христос!

  Ephesians (6/6)