Ephesians (5/6)  

1. И така, угледајте се на Бог, како мили чеда,
2. и живејте во љубов, како што и Христос ве засака вас и Се предаде Себеси за нас, како принос и жртва на Бог, за благопријатен мирис.
3. А блудство и секаква нечистотија или лакомост, да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светиите!
4. Ниту срамни и празни зборови, ниту непристојни шеги, туку подобро благодарности!
5. Зашто, знајте го ова: ниеден блудник, ниеден нечист, ниеден алчник - кој е идолопоклоник - нема наследство во царството на Христос и Бог!
6. Никој да не ве мами со празни зборови, зашто заради тие нешта доаѓа Божјиот гнев врз синовите на непокорноста.
7. И така, не станувајте нивни соучесници!
8. Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господ; живејте како деца на светлината
9. (зашто плодот на светлината се состои во секаква добрина, праведност и вистина!)
10. и испитувајте што Му е по волја на Господ!
11. И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги,
12. зашто срамно е и да се зборува за она што тие го вршат скришно.
13. А сè станува јавно преку светлината, зашто сè што станува јавно, светлина е.
14. Затоа се вели: "Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христос ќе те осветли!"
15. И затоа, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри,
16. исползувајќи го времето, зашто дните се зли!
17. Па така, не бидете неразумни, туку разберете каква е Господовата волја!
18. И не опивајте се со вино во кое е разузданоста, туку исполнувајте се со Духот,
19. зборувајќи си со псалми, химни и духовни песни, пеејќи Му на Господ и воспевајќи Го во своето срце!
20. Благодарете Му секогаш за сè на Бог Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос!
21. Покорувајте се еден на друг со страхопочит кон Христос!
22. Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господ,
23. зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на црквата, а Тој е Спасителот на телото!
24. И како што црквата Му се покорува на Христос, така да им бидат и жените покорни во сè на своите мажи.
25. Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја засака црквата и се предаде Сам Себеси за неа,
26. за да ја освети, исчистувајќи ја преку водно капење со словото,
27. и да ја претстави пред Себе црквата во сета нејзина слава, без дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.
28. Така и мажите се должни да ги љубат своите жени како своите сопствени тела. Кој ја љуби својата жена, се љуби себеси.
29. Зашто никој никогаш не го намразил своето тело, туку го храни и негува како и Христос црквата,
30. зашто ние сме органи на Неговото тело.
31. "Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело."
32. Оваа тајна е голема, а јас зборувам за Христос и црквата.
33. И така, секој од вас да ја љуби својата жена како себеси, а жената да го почитува својот маж.

  Ephesians (5/6)