Ephesians (4/6)  

1. Затоа, ве молам, јас, затвореник на Господ, да живеете достојно за призванието во кое сте повикани,
2. со сета понизност, кроткост и со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов!
3. Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот.
4. Постои едно тело и еден Дух, како што бевте и вие повикани во една надеж на вашето призвание;
5. еден Господ, една вера, едно крштавање,
6. еден Бог и Татко на сите, Кој е над сите, преку сите и во сите.
7. А секому од нас му е дадена благодат според мерата на Христовиот дар.
8. Затоа се вели: "Кога се вознесе, поведе робје; а на луѓето им даде дарови."
9. (А "се вознесе" - што значи друго, освен дека исто така слегол во долните предели на земјата?
10. Тој што слезе, тоа е Оној истиот Кој се вознесе над сите небеса, за да исполни сè.)
11. И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители,
12. за да се усовршат светиите за делото на службата, за изградување на Христовото тело,
13. сè додека сите не дојдеме до единство во верата и познавањето на Божјиот Син, до зрелиот човек, до мерата на растот на Христовата полнота.
14. Затоа да не бидеме веќе деца, фрлани натаму-наваму од бранови и носени од ветровите на некое учење, со човечка измама и лукавство, со итро измислени заблуди;
15. туку, говорејќи ја вистината во љубов, ние треба да растеме во сè - кон Оној Кој е главата, Христос.
16. Од Него, целото тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секоја врска дава поткрепа според соодветно дејствување на секој одделен дел; тоа прави телото да расте за својата сопствена надградба во љубов.
17. Затоа ова го велам и сведочам во Господ, да не живеете веќе како што живеат неевреите во суетата на својот ум,
18. помрачени во својот разум, исклучени од Божјиот живот, заради незнаењето кое е во нив, заради закоравеноста на нивното срце.
19. Откако станаа бесчувствени, се предадоа себеси на сладострастие, за ненаситно да вршат секаква нечистота.
20. А вие не Го познавте така Христос,
21. ако навистина сте Го чуле и ако сте во Него поучени онака како што е вистината во Исус,
22. та во однос на своето поранешно поведение да го соблечете од себе стариот човек, кој пропаѓа според измамливите похоти,
23. и да се обновувате во духот на својот ум,
24. и бидете облечени во новиот човек, кој според Бог е создаден во вистинска праведност и светост.
25. Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме органи едни на други!
26. Гневете се, но не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев,
27. и не давајте му место на ѓаволот!
28. Кој крадел, да не краде веќе, туку подобро да се труди и да го работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној што има потреба!
29. Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, каде што е потребно, за да им даде благодат на слушателите.
30. И не жалостете Го Светиот Дух, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето!
31. Секоја горчина, гнев, јарост, викање и хулење да бидат отстранети од вас, заедно со секаква злоба.
32. Бидете љубезни еден кон друг, чувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христос.

  Ephesians (4/6)