Ephesians (3/6)  

1. Затоа јас, Павле, затвореник сум на Христос Исус заради вас неевреите,
2. ако навистина сте чуле за управителството на Божјата благодат која ми е дадена за вас,
3. дека по откровение ми беше соопштена тајната, како што порано пишав накратко.
4. Читајќи оттаму можете да го разберете моето сфаќање на Христовата тајна
5. што во другите поколенија не им беше објавена на човечките синови, како што сега преку Духот им е откриена на Неговите свети апостоли и пророци:
6. дека неевреите се сонаследници и органи на телото, и соучесници на ветувањето во Христос Исус, преку Евангелието,
7. на кое му станав служител согласно дарот на Божјата благодат, која ми беше дадена според делувањето на Неговата моќ.
8. Мене, најмалиот од сите светии, ми е дадена оваа благодат за да им го навестувам на неевреите Евангелието на Христовото богатство кое не може целосно да се сфати
9. и на сите да им расветлам во што се состои располагањето со тајната, која од вечноста беше скриена во Бог - Кој создаде сè;
10. та многустраната Божја мудрост да им се соопшти сега преку црквата на началствата и на властите на небесата.
11. Ова беше според вечната цел, која ја оствари во Христос Исус, нашиот Господ,
12. во Кого имаме смелост и пристап со увереност преку верата во Него.
13. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате заради моите неволи, што ме снајдоа заради вас; зашто тие се ваша слава.
14. Заради тоа ги преклонувам своите колена пред Таткото на нашиот Господ Исус Христос,
15. од Кого секој род на небесата и на земјата го добива своето име;
16. да ви даде, според богатството на Својата слава, да зајакнете со сила во внатрешниот човек преку Неговиот Дух,
17. та преку вашата вера Христос да живее во вашите срца; да бидете вкоренети и втемелени во љубовта за
18. да можете да сфатите со сите светии колкава е ширината, должината, височината и длабочината,
19. и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето, за да бидете исполнувани во целата Божја полнота.
20. А на Оној, Кој може да направи неспоредливо повеќе, отколку што можеме да бараме или замислиме, според силата што дејствува во нас -
21. Нему нека Му биде слава во црквата и во Христос Исус во сите поколенија засекогаш. Амин!

  Ephesians (3/6)