Ephesians (2/6)  

1. И вие, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови,
2. во кои живеевте некогаш според образецот на овој свет, според принцот на силите на воздухот - духот кој дејствува сега во синовите на непокорноста,
3. меѓу кои и ние живеевме некогаш во своите телесни страсти, извршувајќи ги желбите на телото и на умот, и бевме по природа чеда на гневот како и останатите.
4. Но Бог, Кој е богат со милост, поради Својата голема љубов со која нè засака,
5. нè оживеа заедно со Христос и нас, кои иако бевме мртви поради нашите гревови (по благодат сте спасени) -
6. и со Него нè воскресна и нè постави на небесата, во Христос Исус,
7. та, во идните векови да го покаже ненадминливото богатство на Својата благодат, во љубезност спрема нас во Христос Исус.
8. Зашто по благодат сте спасени, преку вера, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар!
9. Не е од делата, за да не се фали некој,
10. зашто Негово дело сме, создадени во Христос Исус за добри дела, кои Бог однапред ги подготви, за да живееме во нив.
11. Затоа спомнете си, дека вие кои некогаш бевте неевреи по тело, нарекувани необрежани од оние кои се нарекуваа обрежани по телото, со човечки раце;
12. во она време бевте без Христос, исклучени од израелското општество и туѓинци на заветите на ветувањето, без надеж и без Бог во светот.
13. А сега во Христос Исус, вие кои некогаш бевте далеку, доведени сте близу преку Христовата крв.
14. Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двете направи едно и го разурна преградниот ѕид, што ги делеше,
15. и во Своето тело го укина непријателството, односно законот со неговите заповеди и одредби, и создавајќи мир, за во Себе да создаде од двата еден нов човек,
16. и обата во едно тело да ги измири со Бог преку крстот, со што во Себе го уби непријателството.
17. Тој дојде и ви проповедаше мир на вас кои бевте далеку и мир на оние кои беа близу:
18. зашто преку Него, и едните и другите, имаме пристап кај Таткото во еден Дух.
19. Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојдени, туку сте сограѓани на светиите и Божјо семејство,
20. надѕидани врз основата на апостолите и пророците, а темелниот камен е Самиот Христос Исус,
21. во Кого целата стројно составена зграда расте во свет храм во Господ,
22. врз кого и вие во Духот заедно се соѕидувате во Божјо живеалиште.

  Ephesians (2/6)