Colossians (2/4)  

1. Имено, сакам да знаете колкава борба имам заради вас, заради оние во Лаодикеја и заради сите што не ме виделе лично,
2. за да се утешат нивните срца, и сплотени во љубовта да дојдат до сето богатство кое доаѓа од севкупната увереност во разбирањето и целосното познавање на Божјата тајна - Христос,
3. во Кого се скриени сите богатства на мудроста и на знаењето.
4. А ова го велам за да не ве измами некој со убедливи зборови,
5. зашто, иако сум отсутен по тело, во духот сум со вас и се радувам гледајќи ги вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христос.
6. И така, како што Го примивте Христос Исус, Господ, така и да живеете во Него,
7. цврсто вкоренети и надѕидани во Него и зацврстени во верата, како што и бевте поучени, изобилувајќи со благодарноста.
8. Bнимавајте некој да не ве плени со философија и со празна измама според човечките преданија, според првобитните принципи на светот, а не според Христос.
9. Зашто во Него, во телесен облик, живее сета полнота на Божеството,
10. и вие станавте целосни во Него, Кој е глава на секое поглаварство и власт.
11. Bо Него сте и обрежани со обрезание кое не е со рака, со отстранување на телесноста преку Христовото обрезание:
12. откако бевте погребани со Него во крштавање, во кое и бевте воскреснати со Него преку верата во дејствувањето на Бог, Кој Го воскресна од мртвите.
13. Bас, кои бевте мртви во престапите и необрезанието на вашето тело, ве оживеа заедно со Него, простувајќи ни ги сите наши престапи
14. и бришејќи ја обврската од нашиот долг, која со своите одредби беше против нас; Тој ја отстрани кога ја прикова на крстот;
15. и ги разоружа поглаварствата и властите и јавно ги изложи, ликувајќи над нив преку него.
16. Затоа, никој да не ве осудува за храна, или пијалак, за некаков празник или за млада месечина, или за саботи
17. - нешта кои се само сенка на она што ќе дојде, а суштината е Христос.
18. Никој со измама да не ви ја одземе наградата, преку лажна понизност и поклонение на ангелите, тврдеќи дека имал виденија, дуејќи се напразно со својот телесен ум,
19. а не држејќи се за Главата, од Која целото Тело, помогнато и поврзано со зглобовите и врските, расте со растежот што го дава Бог.
20. Ако веќе умревте со Христос за првобитните принципи на светот, зошто им се потчинувате на прописите, како уште да живеете во овој свет:
21. "Не фаќај ! Не вкусувај ! Не допирај!"
22. - сè што пропаѓа со употреба - според човечките заповеди и учења?
23. Овие нешта навистина изгледаат како мудрост која се состои во самоволна набожност, лажна понизност и непоштедна строгост кон телото, а немаат никаква вредност, туку се само за угодување на телото.

  Colossians (2/4)