Acts (9/28)  

1. А Савле, сè уште исполнет со закани и убиства против Господовите ученици, отиде при врховниот свештеник,
2. и измоли од него писма до синагогите во Дамаск; ако најде таму некои следбеници на овој Пат, мажи и жени, да ги доведе врзани во Ерусалим.
3. Кога патувајќи се приближи до Дамаск, одненадеж го осветли светлина од небото;
4. падна на земјата и чу глас, кој му рече: "Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш?"
5. А тој праша: "Кој си Ти, Господине?" А Тој рече: "Јас Сум Исус, Кого ти Го прогонуваш!"
6. "Стани и влези во градот, та ќе ти се каже што треба да правиш!"
7. А оние што го придружуваа стоеја неми, зашто го чуја гласот, а не видоа никого.
8. Савле стана од земјата. Иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го фатија за рака и го доведоа во Дамаск.
9. И беше слеп три дни; и не јадеше, ниту пиеше.
10. А во Дамаск постоеше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му се јави во видение: "Ананиј!" А тој изусти: "Еве ме, Господи!"
11. А Господ му рече: "Стани и оди во улицата што се вика 'Права', во куќата на Јуда и побарај го човекот од Тарс, наречен Савле, зашто, ете, тој се моли."
12. И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува кај него и ги полага рацете на него за да прогледа."
13. Ананиј одговори: "Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите светии во Ерусалим.
14. А тука има власт од првосвештениците да ги врзе сите оние кои го повикуваат Твоето име."
15. А Господ му рече: "Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред нееврејските народи, пред цареви и пред синовите на Израел.
16. Јас ќе му покажам колку треба да пропати поради Моето име."
17. Ананиј отиде, влезе во куќата и откако ги положи рацете на него, рече: "Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух."
18. И веднаш од неговите очи падна нешто како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен;
19. и откако се најаде, закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците што беа во Дамаск.
20. И веднаш почна да Го навестува Христос по синагогите, велејќи дека Тој е Божјиот Син.
21. А сите што го слушаа се восхитуваа и велеа: "Не е ли овој, оној кој во Ерусалим ги истребуваше оние кои го изговараа ова Име, и зар не дојде ваму за да ги поведе врзани пред првосвештениците?"
22. Но Савле беше сè посилен и ги збунуваше Евреите, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој е Христос.
23. И откако изминаа многу денови, Евреите сковаа заговор да го убијат.
24. Но Павле дозна за тој нивни заговор. А тие ги демнеа градските порти и дење и ноќе, за да го убијат.
25. Но учениците го зедоа и во кошница го префрлија ноќе преку ѕидот.
26. А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се придружи на учениците, но сите се плашеа од него, зашто не веруваа дека е ученик.
27. Тогаш Барнаба го зеде и го одведе кај апостолите, им раскажа дека на патот Го видел Господ, дека Му зборувал и дека во Дамаск проповедал смело во Исусовото име.
28. И со нив слободно се движеше во Ерусалим,
29. говорејќи смело во името на Господ. Тој зборуваше и се препираше со хеленистите, а тие настојуваа да го убијат.
30. А кога браќата дознаа за тоа, го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија во Тарс.
31. И така, низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија за црквата настапи мир; се надградуваше, живееше во страхопочит спрема Господа и продолжуваше да расте во утехата на Светиот Дух.
32. А кога Петар ги обиколуваше тие места, дојде и кај светиите, кои живееја во Лида.
33. Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран в постела.
34. И Петар му рече: "Енеј, Исус Христос те исцели; стани и опаши се!" И тој веднаш стана.
35. И го видоа сите жители во Лида и во Шарон, и Му се обратија на Господа.
36. А во Јопа имаше една ученичка по име Табита (што преведено значи Срна). Таа беше полна со добри дела и со милостини, што ги правеше.
37. Bо тие денови се разболе и умре. Ја избањаа и ја ставија во горната соба.
38. А бидејќи Лида е близу до Јопа, учениците чуја дека Петар е таму и испратија кај него двајца мажи, кои го молеа: "Не забавај се со доаѓањето кај нас!"
39. А Петар стана и тргна со нив. Кога дојде, го одведоа во горната соба и му пристапија сите вдовици лелекајќи и покажувајќи му ги туниките и облеките, што ги правеше Срна додека беше со нив.
40. А Петар ги истера сите надвор, клекна на колена, се помоли и се сврте кон мртвото тело, па рече: "Табита, стани!" А таа ги отвори очите, и кога го виде Петар седна.
41. Тој, пак, и ја подаде раката и ја поткрена. Потоа ги викна светиите и вдовиците и им ја покажа жива.
42. Тоа се разгласи по сета Јопа и мнозина поверуваа во Господ.
43. Тој пак остана многу денови во Јопа, кај некојси кожар Симон.

  Acts (9/28)