Acts (8/28)  

1. А Савле се согласуваше со неговото погубување.Bо оној ден стана и големо прогонство против црквата во Ерусалим; и сите, освен апостолите, се раштркаа по краиштата на Јудеја и Самарија.
2. А побожни луѓе го погребаа Стефан и гласно го оплакуваа.
3. Савле, пак, ја пустошеше црквата, влегуваше од куќа во куќа, извлекуваше мажи и жени и ги предаваше в зандани.
4. Оние кои беа раштркани, одеа проповедајќи го Словото.
5. Така, Вилип слезе во градот Самарија и го навестуваше Христос.
6. А народот еднодушно внимаваше на Вилиповите зборови, ги слушаше и ги гледаше чудотворните знаци што ги правеше.
7. Зашто од оние коишто имаа нечисти духови, тие излегуваа со голема викотница, а мнозина парализирани и сакати беа исцелени.
8. И настана голема радост во тој град.
9. А во градот се наоѓаше еден човек, по име Симон, кој од порано изведуваше магии и го вчудовидуваше самарискиот народ, тврдејќи за себе дека е тој и тој.
10. Него го слушаа сите, од мал до голем, велејќи: "Ова е голема Божја сила."
11. А го слушаа затоа што долго време ги восхитуваше со своите магии.
12. Кога му поверуваа на Вилип, кој го проповедаше Евангелието за Божјото царство и за името на Исус Христос, се крштаваа и мажи и жени.
13. Самиот Симон поверува, и откако беше крстен, му се придружи на Вилип, и гледајќи ги чудотворните знаци и моќните дела што се збиднуваа, се восхитуваше.
14. А кога апостолите, кои беа во Ерусалим, чуја дека Самарија го прими Божјото слово, им ги испратија Петар и Јован,
15. кои слегоа и се помолија за нив, за да Го примат Светиот Дух,
16. зашто уште ни на еден од нив не беше слегол, а само беа крстени во името на Господ Исус.
17. Тогаш ги положија рацете на нив и тие Го примија Светиот Дух.
18. А кога Симон виде дека Светиот Дух се дава со полагање на рацете на апостолите, им понуди пари,
19. велејќи: "Дајте ми ја и мене таа власт, па врз кого ќе ги положам рацете, да Го прими Светиот Дух!"
20. Но Петар му рече: "Нека одат во неврат твоите сребреници заедно со тебе, зашто си наумил да го добиеш Божјиот дар со пари!
21. Нема за тебе ни дел ни учество во оваа работа, зашто твоето срце не е право пред Бог.
22. Затоа, покај се од оваа твоја нечесност и моли Го Господ ако е можно да ти ја прости мислата на твоето срце.
23. Зашто гледам дека си полн со горчина и во окови на неправдата."
24. А Симон одговори, велејќи: "Помолете Му се вие на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го рековте!"
25. Тие пак, откако посведочија и го кажаа Господовото слово, проповедајќи им го Евангелието на многу самариски села, се вратија во Ерусалим.
26. И Господов ангел му рече на Вилип: "Стани и оди кон југ, по патот што се спушта од Ерусалим спрема Газа, кој е пуст."
27. Тој стана и тргна. И ете, Етиопјанец- евнух, дворјанин на етиопската царица Кандакија, кој беше задолжен за целата нејзина ризница, а беше дошол во Ерусалим на поклонение,
28. и на враќање, седеше во својата кочија и го читаше пророкот Исаија.
29. А Духот му рече на Вилип: "Приближи се и придружи и се на кочијата!"
30. Кога Вилип притрча и чу дека тој го чита пророкот Исаија, и праша: "Го разбираш ли тоа што го читаш?"
31. Тој пак рече: "Како ќе можам да разберам, ако некој не ме упати!" И го покани Вилипа да се качи и да седне до него.
32. А текстот од Писмото, што го читаше, гласеше: "Беше одведен како овца на колење, и како што јагнето е немо пред оној кој го стриже, така тој не ја отвори Својата уста.
33. Bо Неговото понижување не доби праведен суд. Кој ќе ја сфати Неговата генерација, зашто Неговиот живот се зеде од земјата."
34. Тогаш евнухот одговори, велејќи му на Вилип: "Те молам, за кого го вели ова пророкот? За себе или за некој друг?"
35. А Вилип ја отвори устата и почнувајќи од тоа место во Писмото, му проповедаше за Исус.
36. А кога патувајќи дојдоа до некоја вода, евнухот рече: "Еве вода! Што ме спречува да се крстам?"
37. А Вилип рече: "Ако веруваш од сè срце - смееш." Тој одговори, велејќи: "Bерувам дека Исус Христос е Божјиот Син."
38. И заповеда да застане кочијата, па двајцата, Вилип и евнухот, слегоа во водата, и го крсти.
39. А кога излегоа од водата, Господовиот Дух го грабна Вилипа; евнухот веќе не го виде. И продолжи радосно по својот пат.
40. А Вилип се најде во Азот, а потоа, поминувајќи проповедаше по сите градови додека не дојде во Цезареја.

  Acts (8/28)