Acts (7/28)  

1. Тогаш врховниот свештеник праша: "Точно ли е тоа?"
2. А тој рече: "Луѓе, браќа и татковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога престојуваше во Месопотамија, пред да се насели во Харан,
3. и му рече: 'Излези од својата земја и својот род и појди во земјата што ќе ти ја покажам!'
4. Тогаш тој излезе од Халдејската земја и се насели во Харан. Оттаму, по смртта на татко му, Бог го пресели во оваа земја, во којашто живеете сега.
5. Но не му даде наследство во неа ниту една педа земја, туку му вети, додека уште немаше дете, дека ќе им даде наследство нему и на неговото поколение.
6. Имено, Бог му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години.
7. 'Но, Јас ќе му судам на народот на кој ќе му робуваат', рече Бог. 'А потоа ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.'
8. И му го даде Заветот на обрежувањето; и така на Авраам му се роди Исак и го обрежа на осмиот ден, а на Исак му се роди Јаков; а на Јаков - дванаесетте патријарси."
9. "А патријарсите му завидоа на Јосиф и го продадоа во Египет, но Бог беше со него,
10. и го избави од сите негови неволи и му даде благонаклоност и мудрост пред фараонот, египетскиот цар, кој го постави за управител на Египет и над целиот свој дом.
11. Тогаш настана глад и голема беда во целиот Египет и Ханаан, та нашите татковци не можеа да најдат храна.
12. А кога Јаков чу дека има жито во Египет, првпат ги испрати таму нашите татковци.
13. Кога дојдоа вторпат, Јосиф им се откри на своите браќа, а фараонот дозна за Јосифовото потекло.
14. Тогаш Јосиф испрати и го повика татка си Јаков и целиот род - седумдесет и пет души.
15. И така Јаков слезе во Египет, каде што починаа тој и нашите татковци.
16. И го пренесоа во Сихем и го положија во гробот што Авраам го беше купил за сребро во Сихем, од Еморовите синови."
17. "Колку повеќе се приближуваше времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраам, толку повеќе народот се зголемуваше и се намножи во Египет,
18. додека таму не завладеа нов цар, кој не знаеше за Јосиф.
19. Тој лошо постапуваше со нашиот народ, ги измачуваше нашите татковци, принудувајќи ги да ги напуштаат своите доенчиња, за да не останат живи.
20. Bо тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци го одгледуваа во татковиот дом,
21. а кога го напуштија, го зеде фараоновата ќерка и си го одгледа како син.
22. И Мојсеј ја изучи целата египетска мудрост и беше силен во своите зборови и дела.
23. А кога наполни четириесет години науми да ги посети своите браќа - синовите на Израел.
24. И кога виде како еден неправедно страда, го одбрани и го одмазди маченикот, убивајќи го Египќанецот;
25. мислејќи дека неговите браќа ќе сфатат дека Бог, преку неговата рака, им дава избавување, но тие не сфатија.
26. А идниот ден дојде меѓу нив додека се тепаа и се обиде да ги смири, велејќи: 'Луѓе, вие сте браќа! Зошто меѓусебно се повредувате?'
27. Но оној, кој го удираше својот ближен, го турна и рече: 'Кој те постави тебе за началник и за судија над нас?
28. Сакаш ли и мене да ме убиеш како што го уби Египќанецот вчера?'
29. Поради овие зборови, Мојсеј избега и живееше како доселеник во Медиската земја, каде што му се родија два сина.
30. Кога поминаа четириесет години, му се јави ангел во пустината на Синајската Гора, во пламенот од еден трнов џбун.
31. Кога Мојсеј го виде тоа, се зачуди на глетката, а додека се приближуваше, за да види одблизу, се чу Господовиот глас
32. 'Јас Сум Богот на твоите татковци: Богот на Авраам, Исак и Јаков.' Мојсеј се стаписа и не се осмели да погледне.
33. Тогаш Господ му рече: 'Собуј ги сандалите од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!
34. Навистина го видов измачувањето на Мојот народ во Египет, го чув неговото воздивнување и слегов да го избавам. А сега дојди да те испратам во Египет!'
35. Тој Мојсеј, од кого се откажаа со зборовите: 'Кој те постави тебе за началник и за судија?' - Бог го испрати, преку ангелот, кој му се јави во трновиот џбун, за началник и за избавител.
36. Тој ги изведе правејќи чуда и знаци во Египет, во Црвеното Море и во пустината четириесет години.
37. Тоа е Мојсеј, кој им рече на синовите на Израел: "Бог ќе издигне меѓу вашите браќа пророк како мене."
38. Тоа е оној, кој во заедницата во пустината, беше со ангелот кој му зборуваше на Синајската Гора, и со нашите татковци; оној кој ги прими живите зборови, за да ни ги предаде нам.
39. Нашите татковци не сакаа да го послушаат, го отфрлија и се свртеа со срцето кон Египет,
40. зборувајќи му на Арон: 'Создај ни богови кои ќе одат пред нас, зашто не знаеме што стана со Мојсеј, кој нè изведе од Египет!'
41. И во тие денови изработија теле и му принесоа жртва на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.
42. Тогаш Бог се сврте од нив и ги предаде да Му служат на небесното воинство, како што е напишано во Книгата на Пророците: 'Доме Израелов, Мене ли Ми принесувавте заклани животни и жртви четириесет години во пустината?
43. Ги носевте Молоховиот шатор и ѕвездата на богот Ромфа, кипови што ги направивте, за да им се поклонувате. Затоа ќе ве преселам подалеку од Bавилон!'
44. Нашите татковци го имаа со себе Шаторот на сведоштвото во пустината, како што Оној Кој му зборуваше на Мојсеј му заповеда да го направи според примерокот што го видел.
45. Нашите татковци го примија и го внесоа со Јошуа, кога ја зазедоа земјата на другите народи, кои Бог ги протера пред нашите татковци, и така беше сè до времето на Давид.
46. Овој најде милост пред Бог, и затоа измоли да Му најде живеалиште на Јакововиот Бог.
47. А Соломон Му изгради Дом.
48. Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот:
49. 'Небото Ми е престол, а земјата е подношка на Моите нозе. Каков дом ќе ми изградите', говори Господ, 'или какво ќе биде местото за моја починка?
50. Не го направи ли сèто тоа Мојата рака?'
51. О, тврдоглави, со необрежани срца и уши! Bие секогаш Му се противите на Светиот Дух, како вашите татковци така и вие!
52. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? И ги убија оние, кои однапред го навестуваа доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци сега станавте вие,
53. вие, кои го примивте законот како заповед од ангели - и не го запазивте."
54. Кога го чуја тоа, ги засегна во срцата и чкртаа со забите на него.
55. А тој, полн со Светиот Дух, гледајќи втренчено кон небото, ја виде Божјата Слава и Исус како Му стои оддесно на Бог,
56. и рече: "Еве, ги гледам отворени небесата и Синот Човечки како Му стои оддесно на Бог."
57. Тогаш извикаа со силен глас, си ги затнаа ушите и се нафрлија еднодушно врз него.
58. И кога го исфрлија од градот, фрлаа камења на него. А сведоците ги оставија своите облеки до нозете на едно момче, кое се викаше Савле.
59. И фрлаа камења на Стефан, кој викаше, велејќи: "Господи Исусе, прими го мојот дух!"
60. Тогаш падна на колена и извика со силен глас: "Господи, не пишувај им го ова за грев!" И кога го рече тоа - почина.

  Acts (7/28)