Acts (4/28)  

1. Додека тие уште му зборуваа на народот, им пристапија свештениците, управителот на Храмот и садукеите,
2. вознемирени многу поради тоа што го поучуваа народот и навестуваа воскресение на мртвите во Исус.
3. И ставија раце врз нив и ги фрлија во зандана, до следниот ден, зашто веќе беше вечер.
4. А мнозина од оние кои го чуја словото поверуваа, така што бројот на мажите се зголеми до пет илјади.
5. Утредента се собраа во Ерусалим нивните началници, старешини, законици
6. и врховниот свештеник Ана, Кајафа, Јован и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род.
7. И кога ги поставија на средина, ги прашуваа: "Со каква сила, или во чие име го направивте тоа?"
8. Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: "Народни управители и старешини!
9. Ако денес нè испитувате за доброто дело направено на еден болен, од што тој беше исцелен,
10. тогаш да знаете сите вие и сиот израелски народ, дека во името на Исус Христос од Назарет, кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас.
11. Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана камен темелник.
12. Нема спасение во никој друг, ниту има друго име под небото дадено на луѓето, преку кое мора да бидеме спасени."
13. Кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, и кога забележаа дека се неписмени и неуки луѓе, се чудеа; а ги препознаа дека беа со Исус,
14. но гледајќи го исцелениот човек, како стои со нив, немаа што да им приговорат.
15. Но откако им наредија да излезат од Големиот совет, почнаа да се советуваат меѓу себе, велејќи:
16. "Што да правиме со овие луѓе? Зашто на сите жители на Ерусалим им е познато дека значајно чудо се јави преку нив, а ние не можеме да го порекнеме!
17. Но за да не се разгласува понатаму меѓу народот, да им се заканиме да не му зборуваат веќе никому во тоа име!"
18. Тогаш ги повикаа внатре и им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во Исусовото име.
19. Но, Петар и Јован одговорија, велејќи им: "Справедливо ли е пред Бога, да ве слушаме вас повеќе отколку Него? Сами пресудете!
20. Зашто, ние не можеме да не зборуваме за она што го видовме и чувме."
21. И бидејќи не најдоа пат и начин како да ги казнат, им се заканија уште еднаш и ги пуштија поради народот, зашто сите Го славеа Бог за она што се случи.
22. Човекот, над кого се случи ова чудо на исцелување, имаше повеќе од четириесет години.
23. Штом беа пуштени на слобода, дојдоа при своите и им кажаа сè што им рекоа првосвештениците и старешините.
24. А тие, кога го чуја тоа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бог и рекоа: "Господаре, Ти си Оној Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што се наоѓа во нив!
25. Ти, преку Светиот Дух, со устата на Својот слуга Давид рече: 'Зошто се бунтуваат народите, и зошто племињата размислуваат за празни нешта?
26. Се дигнаа земните цареви, а владетелите се здружија против Господ и против Неговиот Христос.'
27. Навистина се здружија во овој град Ирод и Понтиј Пилат, заедно со народите и со израелскиот народ, против Твојот свет Слуга Исус, Кого Го помаза,
28. за да го направат она што Твојата рака и Твојата волја однапред определиле да се збидне.
29. А сега, Господи, погледни на нивните закани, и дај им на Твоите слуги да го навестуваат Твоето слово сосема смело,
30. протегнувајќи ја при тоа Твојата рака, за да се случуваат исцелувања, знаци и чуда, преку името на Твојот свет Слуга Исус!"
31. А кога се помолија, се затресе местото каде што беа собрани. И сите се исполнија со Светиот Дух и смело го навестуваа Божјото слово.
32. А народот кој поверува имаше едно срце и една душа, и никој не велеше дека нешто од неговиот имот е негово, туку сè им беше заедничко.
33. Апостолите сведочеа со голема сила за воскресението на Господ Исус и изобилна благодат имаше над сите нив.
34. И никој меѓу нив не беше во скудност, зашто сите кои имаа ниви и куќи ги продаваа, а добивката од продаденото ја донесуваа и ја ставаа пред нозете на апостолите.
35. И секому му се даваше колку што му беше потребно.
36. А Јосиф, кого апостолите го нарекоа Барнаба (што значи син на утехата), левит, родум од Кипар,
37. имаше нива, што ја продаде, а добиеното го донесе и го стави пред нозете на апостолите.

  Acts (4/28)