Acts (26/28)  

1. Тогаш Агрипа му рече на Павле: "Ти се дозволува да зборуваш за себе." А Павле ја испружи раката и почна да зборува во своја одбрана:
2. "Цару Агрипа, се чувствувам среќен што можам да се бранам денес пред тебе, од сè што ме обвинуваат Евреите,
3. дотолку повеќе, што ти добро ги познаваш јудејските обичаи и нивните препирки. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение.
4. Каков беше мојот живот од младини, што го поминав првин меѓу својот народ во Ерусалим, тоа го знаат сите Евреи,
5. зашто ме познаваат од почетокот, ако сакаат да посведочат, дека живеев како фарисеј, според најдоследната секта на нашата религија.
6. Сега стојам пред судот заради надежта во ветувањето што Бог им го даде на нашите татковци,
7. а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Заради таа надеж, цару, Евреите ме обвинуваат.
8. Зошто вие сметате дека е неверојатно, ако Бог воскреснува мртви?
9. И јас мислев дека треба да вршам многу нешта против името на Исус од Назарет;
10. што и го чинев во Ерусалим; не само што ги затворав со овластување од првосвештениците, туку и се согласував кога ги убиваа.
11. И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по далечните градови."
12. "Кога за тоа патував во Дамаск, со власт и задача од првосвештениците,
13. на сред бел ден, цару, на патот видов светлина од небото, посилна од сончевиот болскот, која нè осветли мене и оние што патуваа со мене;
14. и кога сите паднавме наземи, чув глас кој ми зборуваше на еврејски јазик: 'Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш? Тешко ти е да клоцаш против остен!'
15. А јас реков: 'Кој си Ти Господине?' Господ рече: 'Јас сум Исус, Кого Ти го прогонуваш.
16. Но стани и застани на своите нозе, зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок, како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се објавам;
17. избавувајќи те од луѓето и од народите, кај кои те праќам,
18. за да им ги отвориш очите, да се одвратат од темнината кон светлината, од сатанската власт кон Бог, за да примат проштавање на гревовите и наследство меѓу осветените преку вера во Мене.'
19. Затоа, цару Агрипа, не му се спротивив на небесното видение;
20. туку им објавив прво во Дамаск, потоа во Ерусалим и по целата Јудеја, а и на неевреите, дека треба да се покајат и да се обрнат кон Бог, вршејќи дела достојни за покајание.
21. Затоа Евреите ме фатија во Храмот и се обидоа да ме убијат.
22. Но со помошта што ја добив од Бог тука сум до денешен ден и им сведочам и на мало и на големо, не зборувајќи ништо друго освен она што пророците и Мојсеј рекоа дека ќе се збидне:
23. дека Христос ќе настрада и дека, како прв воскреснат од мртвите, ќе им навести светлина и на евреите и на неевреите."
24. А кога го изнесе тоа во своја одбрана, Вест му рече со силен глас: "Бладаш, Павле! Многубројните книги те довеле до лудило!"
25. А Павле рече: "Не сум луд, честит Весте, туку зборувам вистински и разумни зборови,
26. зашто и царот, кому му зборувам слободно, знае за тоа. Имено, не верувам дека му е непознато нешто од ова, зашто ова не се збидна во некој агол.
27. Им веруваш ли, царе Агрипа, на пророците? Знам дека им веруваш!"
28. А Агрипа му рече на Павле: "Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин!"
29. А Павле рече: "Би Го молел Бог, порано или подоцна, не само ти, туку и сите, кои ме слушаат денес, да станете такви каков што сум и јас, само без овие окови."
30. Тогаш станаа царот и управителот, Бернис, како и сите што седеа со нив,
31. се повлекоа и зборуваа меѓу себе, велејќи: "Овој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови."
32. А Агрипа му рече на Вест: "Овој човек можеше да биде ослободен, ако не се беше повикал на цезарот."

  Acts (26/28)