Acts (25/28)  

1. А кога Вест пристигна во покраината, по три дни, од Цезареја отиде горе во Ерусалим,
2. каде што првосвештениците и еврејските првенци истапија пред него против Павле, и го молеа,
3. барајќи услуга против него, да го спроведе во Ерусалим (поставувајќи заседа, да го убијат на патот).
4. Но, Вест во одговор рече дека Павле ќе биде задржан во Цезареја, каде што и тој самиот набргу ќе отиде.
5. "Затоа", рече тој, "влијателните меѓу вас нека слезат со мене, и ако е виновен во нешто тој човек, нека го обвинат."
6. Откако слезе во Цезареја, се задржа меѓу нив осум до десет дена, и веќе следниот ден седна во судот и заповеда да го доведат Павле.
7. А кога тој дојде, го опкружија Евреите, кои дојдоа од Ерусалим, и изнесоа против него многу тешки обвиненија, кои не можеа да ги докажат;
8. а Павле во своја одбрана велеше: "Со ништо не се огрешив ни против јудејскиот Закон, ни против Храмот, ниту против цезарот."
9. Но Вест, сакајќи да им угоди на Евреите, му одговори на Павле и рече: "Сакаш ли да отидеш горе, во Ерусалим, и да ти се суди таму за ова пред мене?"
10. А Павле рече: "Стојам пред цезаревиот суд - каде што треба да бидам суден. На Евреите не им сторив никаква неправда, како што и ти самиот многу добро знаеш.
11. Ако сум пак виновен, или ако направив нешто што заслужува смрт, не одбивам да умрам. Но, ако нема ништо од она за што овие ме обвинуваат, никој не може да ме предаде на нив. Се повикувам на цезарот."
12. Тогаш Вест поразговара со својот совет и одговори: "Се повика на цезарот, кај цезарот и ќе одиш."
13. Кога поминаа неколку денови, царот Агрипа и Бернис дојдоа во Цезареја, за да го поздрават Вест.
14. И бидејќи таму се задржаа повеќе денови, Вест го изнесе пред царот Павловото дело: "Великс остави еден човек во занданата,
15. против кого, кога бев во Ерусалим, истапија првосвештениците и еврејските старешини и бараа да го осудам.
16. Јас им одговорив дека не е вообичаено да погубат некого, пред обвинетиот да се соочи со своите обвинители, и да добие можност да се брани од обвинението.
17. И така, кога тие дојдоа тука заедно, јас на другиот ден, без никакво одлагање, седнав во судот и заповедав да го доведат човекот.
18. Обвинителите, кои стоеја околу него, подигнаа против него обвиненија, но не такви какви што очекував,
19. туку имаа против него некои препирки за нивната религија и за некојси Исус, Кој умрел, а за кого Павле тврдеше дека е жив.
20. А јас, не знаејќи што да правам во врска со тоа, го прашав дали сака да оди во Ерусалим, за да му се суди таму за тоа.
21. Но, бидејќи Павле се повика на Августовата одлука, да биде задржан до неговото решение, заповедав да го држат додека не го испратам кај цезарот."
22. Тогаш Агрипа му рече на Вест: "И јас би сакал да го ислушам тој човек." А тој рече: "Ќе го чуеш утре."
23. И така, утредента, кога Агрипа и Бернис дојдоа величествено и влегоа во судницата, заедно со заповедниците и со најугледните луѓе во градот; по заповед на Вест го доведоа Павле,
24. и тогаш Вест рече: "Цару Агрипа и сите вие господа што сте тука! Погледнете го овој, заради кој мнозина Евреи нагрвалија врз мене во Ерусалим и тука, викајќи дека тој не треба повеќе да живее.
25. Но, јас најдов дека не направил ништо што заслужува смрт, и бидејќи тој самиот се повика на Август, решив да го испратам кај него.
26. За човеков, пак, немам ништо видливо да му напишам на господарот и затоа го изведов пред вас, а најмногу пред тебе, цару Агрипа, за да имам што да напишам по испитувањето,
27. зашто ми се чини неразумно да биде испратен окован човек, а да не бидат соопштени обвиненијата против него."

  Acts (25/28)