Acts (24/28)  

1. А по пет дена врховниот свештеник Ананиј, слезе со неколку старешини и со некојси говорник Тертул, па истапија пред управителот против Павле.
2. И кога го повикаа, Тертул почна да го обвинува, велејќи: "Голем мир уживаме благодарение на твоите реформи и со твојата промисленост многу нешта се поправија кај народов;
3. тоа, ние, честити Великсе, со секаква благодарност го признаваме на секој начин и на секое место.
4. Но, за да не те задржувам повеќе, те молам да нè ислушаш накратко со твоето трпение.
5. Еве, најдовме дека овој човек е вистинска невола, дека предизвикува препирки меѓу сите Евреи по целиот свет и дека е водач на назарејската секта.
6. Се обиде да го оскверни и Храмот. Ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон,
7. но дојде заповедникот Лисиј, со голема сила, и го грабна од нашите раце,
8. и заповеда неговите обвинители да дојдат кај тебе. Ако го испрашуваш самиот, ќе можеш да го дознаеш од него сето она за кое ние го обвинуваме."
9. А Евреите потврдија дека е така.
10. А кога управителот му даде знак да зборува, Павле одговори: "Бидејќи знам дека многу години си му судија на народов, јас, од сè срце, ќе зборувам во своја одбрана.
11. Ти самиот можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена, откако отидов горе во Ерусалим, на поклонение,
12. и не ме најдоа ни во Храмот, ни во синагогите, ниту во градот како се расправам со некого или го бунтувам народот,
13. а не можат ни тебе да ти го докажат она заради што ме обвинуваат сега.
14. Но тебе ти признавам дека според Патот, кого тие го нарекуваат секта, така Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во сè што е според Законот и Пророците,
15. и дека се надевам во Бог, како и самите овие дека ќе има воскресение на праведните и неправедните.
16. Затоа и самиот се трудам секогаш да имам чиста совест и пред Бог и пред луѓето.
17. По многу години дојдов да му донесам милостина на својот народ и да принесам жртви,
18. при што ме најдоа, исчистен во Храмот, без народ и без врева. Но имаше некои Евреи од Азија,
19. кои требаа да излезат пред тебе и да ме обвинат, ако имаа нешто против мене.
20. Или овие сами нека кажат каква неправда најдоа во мене, кога стоев пред Советот,
21. освен ако се работи за оваа изјава што ја извикав гласно, стоејќи меѓу нив: 'заради воскресението на мртвите ме судите денес!'"
22. Тогаш Великс, кој мошне добро го познаваше Патот, го одложи нивното дело, велејќи: "Кога ќе дојде заповедникот Лисиј, ќе го решам вашето дело."
23. А на стотникот му заповеда да го чуваат Павле, но да му даваат извесна слобода и да не му бранат никому од неговите да му доаѓаат и да му служат.
24. А по неколку денови дојде Великс со жена си Друзила, која беше Еврејка, го повика Павле и ги слушаше неговите зборови за верата во Христос Исус.
25. А кога зборуваше за праведноста, за воздржувањето и за идниот суд, Великс се уплаши и одговори: "Сега оди си! А кога ќе најдам време, пак ќе те викнам."
26. Меѓутоа, истовремено се надеваше дека Павле ќе му даде пари и затоа почесто го викаше и разговараше со него.
27. А кога поминаа две години, Порциј Вест го наследи Великс. Сакајќи да им угоди на Евреите, Великс го остави Павле во окови.

  Acts (24/28)