Acts (23/28)  

1. А Павле погледна втренчено кон Советот и рече: "Мажи, браќа, јас живеев со наполно чиста совест пред Бог до овој ден."
2. Тогаш врховниот свештеник Ананиј им нареди на оние што стоеја до него да го удрат по устата.
3. Притоа Павле му рече: "Бог ќе те удри тебе, варосан ѕиду! И ти седиш за да ми судиш според Законот, а заповедаш да ме тепаат спротивно на Законот!"
4. А оние што стоеја наоколу рекоа: "Божјиот врховен свештеник ли го навредуваш?"
5. А Павле рече: "Не знаев, браќа, дека е врховен свештеник; зашто е напишано: 'Не зборувај лошо за началникот на својот народ!'
6. Кога Павле сфати дека дел од нив се садукеи, а другите фарисеи, извика во Советот: "Мажи, браќа, јас сум фарисеј, син на фарисеј; ме судат заради надежта и воскресението на мртвите."
7. Кога го рече тоа, настана расправа меѓу фарисеите и садукеите, и собирот се подели;
8. зашто садукеите велат дека нема воскресение, ни ангел, ни дух, а фарисеите го признаваат сето тоа.
9. И така, настана голема врева. А некои од закониците на фарисејската група станаа и се препираа, велејќи: "Не наоѓаме никакво зло кај овој човек, можеби му зборувал дух или ангел."
10. И бидејќи расправијата стана жестока, заповедникот се исплаши да не го растргнат Павле, па и заповеда на војската да слезе и да го грабне од нивната средина, и да го одведе во тврдината.
11. Следната ноќ Господ застана пред него и му рече: "Биди храбар! Онака како што сведочеше сериозно за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим."
12. А кога се раздени, Евреите сковаа заговор и се заколнаа дека не ќе јадат, ниту пијат, додека Павле не биде убиен.
13. Беа повеќе од четириесетмина, кои учествуваа во заговорот.
14. Тие дојдоа кај првосвештениците и старешините и им рекоа: "Се обврзавме со свечена заклетва дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павле.
15. Затоа сега вие, заедно со Советот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу кај вас, божем сакате поточно да го испитате неговото дело, а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи."
16. Но синот на Павловата сестра чу за заседата, отиде и влезе во тврдината и му јави на Павле.
17. А Павле повика еден од стотниците и му рече: "Одведи го момчево кај заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!"
18. Стотникот го зеде и го одведе кај заповедникот и рече: "Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам кај тебе ова момче, зашто имало нешто да ти каже."
19. Тогаш заповедникот го зеде за рака, се повлече со него насамо и го праша: "Што имаш да ми соопштиш?"
20. А момчето рече: "Евреите се договорија да те замолат да го одведеш утре Павле долу, во Советот, божем сакаат поточно да се распрашаат за него.
21. Но немој да ги послушаш, зашто го демнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа да не јадат, ниту да пијат, додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување."
22. Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: "Не кажувај никому, дека ме извести за ова."
23. И повика двајца од стотниците, и им рече: "Пригответе двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Цезареја во третиот час на ноќта.
24. Пригответе и добиток, за да го качат Павле и да го одведат безбедно до управителот Великс!"
25. И напиша писмо со следнава содржина:
26. "Клавдиј Лисиј, до угледниот управител Великс. Поздрав!
27. Кога овој човек го фатија Евреите и сакаа да го убијат, јас дојдов со војската и го извлеков, бидејќи дознав дека е Римјанин.
28. Сакајќи да ја испитам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Совет.
29. И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина која заслужува смрт или окови.
30. А кога ме известија дека се подготвува заговор против овој човек, веднаш го испратив кај тебе, а обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него."
31. Тогаш војниците, според дадената им заповед, го зедоа Павле и го одведоа ноќе во Антипатрис,
32. а утредента ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината.
33. И кога влегоа во Цезареја, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павле.
34. А тој кога го прочита писмото, го праша од која област е, и дозна дека е од Киликија,
35. па му рече: "Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители." И заповеда да го чуваат во Иродовата палата.

  Acts (23/28)