Acts (22/28)  

1. "Мажи, браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана"
2. Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече:
3. "Јас сум Евреин, роден во Киликиски Тарс, израснат во овој град, воспитан при Гамалиеловите нозе, научен строго според законот на нашите татковци, оддаден на Бог, како и сите вие денес.
4. Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во зандани мажи и жени,
5. како што може да посведочи за мене врховниот свештеник со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги приведам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.
6. Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото.
7. Паднав ничкум на земјата и чув глас како ми зборува: 'Савле, Савле, зошто Ме гониш?'
8. А јас одговорив: 'Кој си ти, Господине?' И ми рече: 'Јас сум Исус Назареќанецот, Кого ти Го прогонуваш.'
9. А оние кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот што ми зборуваше.
10. Тогаш реков: 'Што да правам, Господи?' А Господ ми рече: 'Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сè што ти е определено да правиш!'
11. И бидејќи не можев да гледам од болскотот на светлината, оние што беа со мене ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.
12. А некојси Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Евреи,
13. дојде кај мене, ми се доближи и рече: 'Брате Савле, прогледај!' И јас во истиот миг погледав во него.
14. А тој рече: 'Богот на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста,
15. зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул.
16. А што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го Господовото име.'
17. Кога пак се вратив во Ерусалим и кога се молев во Храмот,
18. Го видов како ми вели: 'Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!'
19. А јас реков: 'Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние кои веруваа во Тебе;
20. и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму, одобрував и ги чував облеките на оние што го убиваа.'
21. А тој ми рече: 'Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу нееврејските народи!'
22. Тие го слушаа до тој збор, а тогаш извикаа со силен глас: "Тргнете го од земјата таквиот, зашто не треба да живее!"
23. Додека тие викаа така, ги кинеа своите облеки и фрлаа прав во воздухот,
24. заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со камшик, за да дознае зошто викаат така против него.
25. А кога го испружија и го врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: "Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, и тоа неосуден?"
26. Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: "Што ќе сториш? Овој човек е римски граѓанин!"
27. Тогаш заповедникот дојде кај него и му рече: "Кажи ми, навистина ли си римски граѓанин?" А тој рече: "Да!"
28. Заповедникот одговори: "Јас го добив тоа граѓанство за голема сума." Павле рече: "А јас се родив со него."
29. И веднаш отстапија од него тие што сакаа да го испитуваат. Заповедникот исто така се уплаши кога дозна дека тој е римски граѓанин, зашто го беше врзал.
30. Утредента, сакајќи да знае точно зошто Евреите го обвинуваат, го ослободи, и заповеда да се соберат првосвештениците и целиот Совет, па го доведе долу Павле и го постави пред нив.

  Acts (22/28)