Acts (21/28)  

1. Кога се одделивме од нив и отпловивме, дојдовме право во Кос, а следниот ден на Родос и оттаму во Патара.
2. И кога најдовме кораб, што тргнуваше за Веникија, влеговме во него, и отпловивме.
3. А кога го здогледавме Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари.
4. И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павле да не оди горе во Ерусалим.
5. И кога завршија тие дни, заминавме оттаму и го продолживме нашето патување, а тие сите нè испратија, со жените и децата надвор од градот; а откако на брегот клекнавме и се помоливме, се збогувавме едни со други.
6. Тогаш ние влеговме во коработ, а тие се вратија во своите домови.
7. Завршувајќи го пловењето од Тир, стигнавме во Птолемаида, каде што ги поздравивме браќата и останавме со нив еден ден.
8. А на следниот ден отпатувавме и дојдовме во Цезареја и влеговме во куќата на евангелистот Вилип, кој беше еден од седумтемина, и останавме кај него.
9. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа.
10. Бидејќи престојувавме таму многу дни, дојде од Јудеја еден пророк, по име Агаб.
11. И кога дојде кај нас, го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: "Светиот Дух го вели ова: 'Човекот, чиј е овој појас, Евреите во Ерусалим ќе го врзат вака и ќе го предадат во рацете на неевреите'."
12. Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим.
13. Тогаш Павле одговори: "Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господ Исус."
14. И бидејќи не можевме да го наговориме, ние замолкнавме и рековме: "Нека биде Господовата волја!"
15. По тие денови се приготвивме и тргнавме горе кон Ерусалим.
16. Со нас тргнаа и некои ученици од Цезареја и нè одведоа кај некојси Мнасон, Кипранин, дамнешен ученик, за да бидеме негови гости.
17. Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нè примија радосно.
18. На идниот ден Павле отиде со нас кај Јаков, а сите старешини беа присутни.
19. И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сè што Бог, преку неговата служба, направи меѓу неевреите.
20. А кога го чуја тоа, Го прославија Бог и му рекоа: "Гледаш, брате, колку илјади верници има меѓу Евреите, и сите се грижат за Законот;
21. а за тебе се известени дека сите Евреи, кои се меѓу народите, ги поучуваш да отстапат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрежуваат своите деца, ниту да живеат според обичаите.
22. И така, што сега!? Бездруго ќе чујат дека си дошол.
23. Затоа направи како што ќе ти кажеме: меѓу нас има четворица мажи кои се заветувале;
24. земи ги и исчисти се заедно со нив и плати за нив да си ги избричат главите. Така сите ќе дознаат дека нема ништо од она, што чуле за тебе, и дека и самиот го исполнуваш Законот.
25. А за неевреите, кои поверувале, решивме и им пишавме: да се воздржуваат од нешта жртвувани на идоли, од крв, од задавено и од блудство."
26. Тогаш Павле ги зеде со себе тие мажи, и на следниот ден, откако се исчисти со нив заедно, влезе во Храмот и објави завршување на деновите на исчистувањето, кога за секој од нив ќе биде принесена жртва.
27. А кога седумте денови речиси завршија, Евреите од Азија, откако го забележаа во Храмот, го разбунтуваа целиот народ и го фатија,
28. викајќи: "Израелци, помагајте! Овој е човекот кој насекаде ги учи сите против нашиот народ, против Законот и против ова место! Освен тоа, воведе и Грци во Храмот и така го оскверни ова свето место!"
29. Имено, тие порано во градот го имаа видено ефешанецот Трофим со него и мислеа дека Павле го вовел во Храмот.
30. И целиот град се разбранува и народот се собра, го фатија Павле и го извлекоа надвор од Храмот, па веднаш ги затворија вратите.
31. А кога сакаа да го убијат, дојде глас до заповедникот на четата дека целиот Ерусалим е разбунтуван.
32. Овој, пак, веднаш зеде војници и стотници и дотрча до нив. Кога ги видоа заповедникот и војниците, тие прекратија да го тепаат Павле.
33. Тогаш заповедникот му се приближи, го фати и заповеда да го врзат во двојни вериги и распрашуваше кој е и што сторил.
34. Едни од толпата викаа едно, а други друго и бидејќи од викотницата не можеше ништо веродостојно да дознае, заповедникот заповеда да го одведат во тврдината.
35. А кога беше на скалите, војниците мораа да го кренат на раце поради насилничките постапки на толпата;
36. зашто многу народ одеше по него и викаше: "Убијте го!"
37. И кога требаше да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: "Смеам ли да ти кажам нешто?" Овој пак рече: "Знаеш ли грчки?
38. Да не си ти оној Египќанец, кој пред некое време побуни и одведе во пустината четири илјади мажи убијци?"
39. А Павле одговори: "Јас сум Евреин од Тарс, од Киликија, граѓанин на познатиот град, и те молам да ми одобриш да му се обратам на народот!"
40. И кога му дозволи, Павле застана на скалите и му мавна со рака на народот. А кога настана голема тишина, проговори на еврејски јазик и рече:

  Acts (21/28)