Acts (2/28)  

1. А кога дојде Педесетница, сите беа собрани на едно место.
2. И одненадеж се чу бучава од небото, како кога дува силен ветар и ја исполни целата куќа во која седеа.
3. И им се појавија јазици како од пламен, кои се разделија и над секого од нив застана по еден.
4. И тие сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат.
5. А тогаш во Ерусалим живееја Евреи, побожни луѓе, од сите народи под небото.
6. И кога се чу бучавата, се собра многу народ и се збуни, зашто секој слушаше како зборуваат на неговиот јазик.
7. Сите се восхитуваа и се чудеа, велејќи: "Ете, зар сите овие што зборуваат не се Галилејци?
8. Тогаш, како ние го слушаме секој својот мајчин јазик?
9. Парќаните, Мидијците, Еламитите, жителите на Месопотамија, на Јудеја и Кападокија, на Понт и Азија,
10. на Вригија и Памфилија, на Египет и од пределите на Либија, околу Киринија, и Римјаните кои се тука привремено, Евреи и прозелити,
11. Криќани и Арабјани, ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за Божјите моќни дела?"
12. Сите се восхитуваа и во недоумение си велеа еден на друг: "Што може да биде ова?"
13. Други пак се подбиваа и велеа: "Се препиле слатко вино!"
14. А Петар стана, со единаесеттемина, го поткрена гласот и им рече: "Луѓе, Евреи и сите вие кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови!
15. Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е одвај третиот час на денот,
16. туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил:
17. 'Bо последните денови' - вели Господ - 'ќе излеам од Својот Дух над секого, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите момчиња ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа.
18. Исто така, во тоа време, над Моите слуги и над Моите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат.
19. Ќе правам чуда горе на небото и знаци долу на земјата: крв, оган и чад.
20. Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред доаѓањето на великиот и славен Господов ден.
21. И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе биде спасен.'
22. Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исус Назареќанецот со сили, со чуда и со знаци, што Бог преку Него ги направи меѓу вас, како што знаете и самите.
23. Bие, Него, откако беше предаден според предодредената Божја волја и предзнаење, преку рацете на беззакониците Го распнавте и Го убивте,
24. но Бог Го крена и Го ослободи од смртната агонија, зашто не можеше смртта да Го задржи.
25. Зашто Давид вели за Него: 'Постојано Го гледам Господ пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам.
26. Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик, а и моето тело ќе почива во надеж;
27. зашто нема да ја оставиш мојата душа во Адот, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање.
28. Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба со Своето присуство.'
29. Мажи, браќа! Можам слободно да ви кажам за патријархот Давид дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е меѓу нас до ден денешен.
30. Но, бидејќи беше пророк и бидејќи знаеше дека Бог му се заколна оти од родот на неговите бедра некого ќе постави на неговиот престол,
31. предвидувајќи за воскресението на Христос, рече: 'Ниту беше оставен во Адот, ниту телото Му виде распаѓање.'
32. Бог Го воскресна Овој Исус, за што ние сите сме сведоци.
33. И така подигнат на Божјата десна страна, Тој Го прими од Таткото ветувањето на Светиот Дух, го излеа ова што го гледате и слушате.
34. Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот изусти: 'Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене,
35. додека не ги соборам Твоите непријатели како подношка на Твоите нозе!'
36. И така, целиот Израелов дом сигурно нека знае дека Него Бог Го направи Господ и Христос - Овој Исус, Кого вие Го распнавте!"
37. А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: "Мажи, браќа, што да правиме?"
38. А Петар им рече: "Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за на проштавањето на вашите гревови, и ќе го примите дарот на Светиот Дух.
39. Зашто, ова ветување е за вас, за вашите деца и за сите далечни, колку што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика кај Себе си."
40. И уште со многу други зборови сериозно сведочеше и ги предупредуваше, велејќи: "Спасете се од ова расипано поколение!"
41. И така, се крстија оние кои го прифатија неговото слово, па тој ден се приклучија околу три илјади души.
42. И беа постојани во апостолското учење и во општењето; во раскршувањето на лебот и во молитвите.
43. А страв и трепет влезе во секоја душа, зашто преку апостолите стануваа многу чуда и знаци.
44. А сите оние кои поверуваа, беа заедно и сè им беше општо.
45. И ги продаваа своите сопствености и имоти и тоа го споделуваа со сите, секому според неговата потреба.
46. И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и јадеа со радост и со чисто срце,
47. Го славеа Бог и беа мили кај целиот народ. А секој ден Господ ги придодаваше оние кои се спасуваа.

  Acts (2/28)