Acts (19/28)  

1. А кога Аполос беше во Коринт, Павле, откако ги помина горните области, дојде во Ефес, најде некои ученици,
2. па им рече: "Дали Го примивте Светиот Дух откако поверувавте?" Тие му одговорија: "Не сме ни чуле дека има Свет Дух."
3. Тој уште им рече: "А во што се крстивте?" Тие рекоа: "Bо Јовановото крштавање."
4. А Павле рече: "Јован крштаваше со крштавање за покајание, велејќи му на народот да верува во Оној Кој ќе дојде по него, односно во Христос Исус."
5. Откако го чуја тоа, беа крштавани во името на Господ Исус.
6. А кога Павле ги положи рацете на нив, Светиот Дух се спушти врз нив, а тие зборуваа јазици и пророкуваа.
7. А беа вкупно околу дванаесет мажи.
8. Тогаш тој влезе во синагогата и таму вршеше беседи смело три месеци за Божјото царство и се трудеше да ги убеди.
9. Но бидејќи некои беа корави и непокорни, и пред народот зборуваа зло за Патот, тој отстапи од нив и ги оддели учениците, и секојдневно поучуваше во училиштето на Тиран.
10. Тоа траеше две години, така што сите Евреи и Грци, кои живееја во Азија, го чуја Господовото слово.
11. А Бог правеше необични чуда преку Павловите раце,
12. така што кога врз болните ставаа шамичиња или скутници од неговото тело, болестите ги напуштаа, а злите духови излегуваа од нив.
13. А некои од еврејските истерувачи на демони, кои одеа од место во место, почнаа над оние кои имаа зли духови да го повикуваат името на Господ Исус, велејќи им: " Bе истеруваме преку Исус, Кого Павле Го проповеда! "
14. Тоа го правеа седумтемина синови на некојси Скева, еврејски првосвештеник.
15. Но злиот дух одговори, велејќи им: "Го познавам Исус, го знам и Павле, а кои сте вие?"
16. Притоа човекот во кого беше злиот дух, скокна врз нив, ги совлада сите и против нив покажа таква сила, што голи и ранети избегаа од куќата.
17. Тоа го дознаа Евреите и Грците, кои живееја во Ефес и сите ги обзеде страв и трепет, додека името на Господ Исус се величаше.
18. А мнозина од оние кои беа поверувале, доаѓаа и исповедувајќи се ги кажуваа своите дела.
19. Оние, пак, кои се занимаваа со магии, ги донесуваа своите свитоци на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници.
20. И така Словото, преку Божјата сила, растеше и напредуваше сè посилно.
21. Кога се сврши сето тоа, Павле науми во својот дух, откако ќе помине низ Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, велејќи: "Штом ќе бидам таму, треба да го видам и Рим."
22. И испрати во Македонија двајца свои помошници, Тимотеј и Ераст, а самиот остана уште некое време во Азија.
23. Bо тоа време се крена голема бркотија заради Патот;
24. имено, еден човек, по име Димитриј, филигранист, изработуваше сребрени Артемидини светилишта и на занаетчиите им донесуваше значителна печалба;
25. откако ги собра нив и работниците со слични занаети им рече: "Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа,
26. а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество луѓе, велејќи дека богови направени со раце - не се богови.
27. Bпрочем, не постои опасност само нашиов занает да биде презрен, туку и храмот на големата божица Артемида ќе се смета за ништожен, и ќе му се наштети на величието на онаа, која ја почитува сета Азија и целиот свет.
28. Кога го чуја тоа, полни со гнев, врескаа, извикувајќи: "Голема е Артемида Ефеска! "
29. И целиот град се претвори во безредие, а луѓето еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Гај и Аристарх, Павлови сопатници од Македонија.
30. А кога Павле сакаше да влезе во толпата, учениците го спречија.
31. Притоа, некои од азиските началници, кои му беа пријатели, испратија порака до него, молејќи го да не се појавува во театарот.
32. Едни викаа едно, а други друго, зашто собирот беше збунет и мнозина не знаеја зошто се беа собрале.
33. Тогаш го извлекоа од толпата Александар, кого Евреите го туркаа напред. Александар, пак, мавна со раката и сакаше да даде објаснување пред толпата.
34. Но кога дознаа дека е Евреин, сите викаа едногласно и извикуваа околу два часа: "Голема е Артемида Ефеска!"
35. Најпосле градскиот писар го смири народот и рече: "Луѓе, ефешани! Кој е тој човек, кој не знае дека градот Ефес е чувар на храмот на големата Артемида и на нејзиниот кип што падна од небото?
36. Бидејќи тоа е неспорно, вие треба да бидете мирни и да не преземате ништо непромислено!
37. Ги доведовте овие луѓе, кои ниту го ограбија храмот, ниту хулат на нашата божица.
38. Затоа, ако Димитриј и занаетчиите кои се со него имаат тужба против некого, судовите се за тоа, а постојат и проконзули, нека се тужат едни со други.
39. Но ако барате нешто друго, тоа ќе биде решено законски во собранието,
40. зашто ни се заканува опасност да бидеме обвинети заради денешниот настан, бидејќи не постои никаква причина со која можеме да го оправдаме собирот." Кога го рече тоа, го распушти собирот.

  Acts (19/28)