Acts (18/28)  

1. Потоа Павле тргна од Атина и дојде во Коринт.
2. Таму најде еден Евреин по име Акила, родум од Понт, кој неодамна беше дошол од Италија, заедно со жена си Присцила, зашто Клавдиј заповеда сите Евреи да го напуштат Рим. Дојде кај нив,
3. и бидејќи го знаеше истиот занает, остана кај нив да работи, зашто нивниот занает беше изработка на шатори.
4. А секоја сабота водеше расправа во синагогата и ги убедуваше Евреите и Грците.
5. А кога Сила и Тимотеј слегоа од Македонија, Павле беше поттикнат во духот ревносно да им сведочи на Евреите дека Исус е Христос.
6. Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој си ја истресе облеката и им рече: "Bашата крв на вашите глави! Јас сум чист и отсега ќе одам кај неевреите."
7. И замина оттаму па дојде во домот на некојси Титиј Јуст, богобојазлив човек, чија куќа беше до синагогата.
8. И Крисп, началникот на синагогата, со сите свои домашни, поверува во Господ; и мнозина Коринќани, кои го слушаа, поверуваа и беа крстени.
9. А Господ му рече на Павле, ноќе, во видение: "Не плаши се! Туку зборувај и не замолкнувај,
10. зашто Јас сум со тебе! И никој нема да те нападне за да ти направи некакво зло, зашто имам многу свои луѓе во овој град. "
11. И така преседе година и шест месеци поучувајќи ги во Божјото слово.
12. А кога Галио беше управител на Ахаја, Евреите еднодушно станаа против Павле и го доведоа пред судскиот стол,
13. велејќи: "Овој човек ги наговара луѓето да Го почитуваат Бог спротивно на законот."
14. Кога Павле сакаше да ја отвори устата, Галио им рече на Евреите: "Ако беше во прашање некаква неправда или зло дело, о Евреи, се разбира, ќе ве истрпев.
15. Но ако е тоа прашање за зборови, за имиња и за вашиот закон, пресудете сами; јас не сакам да бидам судија во тие работи. "
16. И ги истера од судот.
17. Тогаш сите го фатија Состен, началникот на синагогата, и го тепаа пред судот, а Галио не сакаше ни да знае за тоа.
18. Павле остана таму уште многу денови, а патем се збогува со браќата и отплови за Сирија, а со него беа Присцила и Акила; во Кенхреја ја избричи главата, зашто се беше заветувал.
19. А кога стигнаа во Ефес, ги остави двајцата, а самиот влезе во синагогата да расправа со Евреите.
20. Кога го замолија да остане подолго време, не се согласи,
21. туку се збогува со нив и рече: "Ако Бог даде, пак ќе се вратам кај вас." И отплови од Ефес.
22. Кога стигна во Цезареја, се искачи во Ерусалим; ја поздрави црквата и слезе во Антиох.
23. Откако помина таму некое време, замина и ги помина редум Галатската област и Вригија, поткрепувајќи ги сите ученици.
24. А некојси Евреин, по име Аполос, родум александриец, човек благоглаголив и мошне упатен во Писмата, дојде во Ефес.
25. Тој беше поучен во Господовиот Пат, и со својот распален дух зборуваше и поучуваше точно за Исус, иако го знаеше само Јовановото крштавање.
26. Тој почна смело да говори во синагогата, а кога го чуја Присцила и Акила, го зедоа при себе, и му објаснија подетално за Божјиот Пат.
27. Кога сакаше да замине за Ахаја, браќата го охрабрија и им напишаа на учениците да го примат. Штом пристигна, многу им помогна на оние кои беа поверувале преку благодатта;
28. зашто тој силно и јавно ги побиваше Евреите, докажувајќи преку Писмата дека Исус е Христос.

  Acts (18/28)