Acts (16/28)  

1. И така пристигна во Дерба и Листра. И ете, таму беше еден ученик по име Тимотеј, син на Еврејка, која веруваше, и на татко Грк.
2. Браќата во Листра и Иконија сведочеа добро за него.
3. Павле посака да го поведе со себе; го зеде и го обрежа заради Евреите населени по тие места, бидејќи сите знаеја оти татко му е Грк.
4. И додека одеа по градовите, им ги предаваа прописите што беа определени од апостолите и старешините во Ерусалим, за да ги пазат.
5. Црквите така се закрепнуваа во верата и секој ден нивниот број беше сè поголем.
6. Тие поминаа низ Вригиската и Галатската земја, зашто Светиот Дух им забрани да го проповедаат словото во Азија.
7. А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Битинија, но Исусовиот Дух не им дозволи.
8. И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троја.
9. И на Павле му се јави во ноќта видение: еден Македонец застана пред него и го молеше, велејќи: "Дојди во Македонија и помогни ни!"
10. По тоа негово видение, веднаш побаравме да отидеме во Македонија, сметајќи дека Бог нè повикува таму да го проповедаме Евангелието.
11. Потоа отпловивме од Троја и патувавме право кон Самотраки,
12. а следниот ден во Неаполис, а оттаму во Вилипи, римска колонија и прв град во тој дел на Македонија. Bо тој град престојувавме неколку дена.
13. А во саботата излеговме вон градските порти, крај реката, каде е место за молитва. Тука седнавме и им зборувавме на собраните жени.
14. Тоа го слушаше една богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тијатир, а Господ и го отвори срцето да внимава на Павловите зборови.
15. Кога пак беше крстена таа и нејзините домашни, нè замоли, велејќи: "Ако сметате дека верувам во Господ, влезете во мојот дом и останете." И нè принуди.
16. А кога еднаш одевме на местото за молитва, нè сретна некоја девојка, робинка, која имаше змиски дух, и која со вражање им донесуваше голема печалба на своите господари.
17. Таа одеше по Павле и по нас, викајќи: "Овие луѓе се слуги на Сèвишниот Бог, кои ни го навестуваат патот на спасението."
18. Тоа го правеше со денови. А кога му здодеа на Павле, се заврти и му рече на духот: "Ти заповедам, во името на Исус Христос, да излезеш од неа!" И излезе во истиот час.
19. Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги фатија и ги одвлекоа Павле и Сила до пазарот, пред управителите.
20. Кога ги приведоа пред судиите, рекоа: "Овие луѓе, кои се Евреи, го бунтуваат нашиов град
21. и навестуваат обичаи кои ние, како Римјани, не смееме да ги прифатиме ниту да ги вршиме."
22. И целиот народ нагрвали на нив, а судиите им ги раскинаа облеките и заповедаа да ги тепаат со стапови.
23. И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во зандана и му заповедаа на чуварот на занданата добро да ги чува.
24. Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на занданата и нозете им ги стави во клада.
25. На полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бог, а затворениците ги слушаа.
26. Кога одеднаш настана силен потрес, така што се поместија темелите на занданата: во истиот час се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите.
27. А чуварот на занданата се разбуди и кога ги виде отворените врати на занданата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.
28. Но Павле викна со силен глас, велејќи: "Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!"
29. А тој побара светлина, втрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила;
30. па откако ги изведе надвор, рече: "Господа, што треба да правам за да се спасам?"
31. Тие му рекоа: "Bерувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твојот дом."
32. А потем им го говореа Господовото слово нему и на сите што беа во неговиот дом.
33. И тој ги зеде во тој час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти заедно со сите домашни.
34. Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и многу се израдуваа со сè домашните, зашто поверуваа во Бог.
35. А кога се раздени, главните судии испратија службеници и им рекоа: "Ослободете ги луѓето!"
36. Чуварот на занданата му ги кажа тие зборови на Павле, велејќи: "Судиите пратија да ве пуштам. Затоа сега излезете и одете си со мир!"
37. Но Павле им рече: "Откако нас, римски граѓани, без претходно судење, јавно нè биеја и нè фрлија во зандана, зар сега сакаат тајно да нè пуштат? Никако! Туку самите нека дојдат и нека нè изведат!"
38. Судските службеници им ги соопштија овие зборови на судиите, а тие се исплашија кога чуја дека овие се римски граѓани.
39. И дојдоа, се извинија, ги изведоа и ги замолија да си заминат од градот.
40. И кога излегоа така од занданата, дојдоа кај Лидија, ги видоа браќата, ги охрабрија и си отидоа.

  Acts (16/28)