Acts (15/28)  

1. А некои дојдоа од Јудеја, и браќата ги поучуваа: "Ако не се обрежете според Мојсеевиот обичај, не можете да бидете спасени."
2. А кога Павле и Барнаба се впуштија во не мала препирка и се расправаа со нив, Павле и Барнаба, и уште некои од нив, беа определени да се качат во Ерусалим, кај апостолите и старешините заради ова прашање.
3. И така, испратени од црквата, поминаа низ Веникија и Самарија, раскажувајќи подробно за обраќањето на нееврејските народи, со што предизвикуваа голема радост меѓу сите браќа.
4. Кога стигнаа во Ерусалим, беа примени од црквата, од апостолите и од старешините; и раскажаа сè што направил Бог со нив.
5. Тогаш станаа некои од фарисејската секта, кои поверуваа, и рекоа: "Треба да бидат обрежани и да им се нареди да го пазат Мојсеевиот Закон."
6. Апостолите и старешините се собраа да ја разгледаат таа работа
7. и бидејќи настана голема расправија, Петар стана и им рече: "Мажи, браќа! Bие знаете дека Бог уште од првите денови ме избра меѓу вас, за да можат неевреите да го чујат од мојата уста словото на Евангелието и да поверуваат.
8. И Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, кога им Го даде Светиот Дух, како и нам.
9. И не направи никаква разлика меѓу нас и нив, зашто преку верата ги исчисти нивните срца.
10. Зошто сега Го искушувате Бог, ставајќи им на вратот на учениците јарем, кого ниту нашите татковци, ниту ние не можевме да го носиме?
11. Bпрочем, веруваме дека сме спасени исто како и тие, преку благодатта на Господ Исус."
12. Тогаш молкна целиот народ, а луѓето ги слушаа Барнаба и Павле, кои раскажуваа колку чудотворни знаци и чуда направи Бог преку нив, меѓу неевреите.
13. Кога тие престанаа да зборуваат, проговори Јаков и рече: "Мажи браќа, послушајте ме!
14. Симеон ви кажа како Бог, најпрво, предвиде да си земе луѓе од народите за Своето име.
15. И со тоа се слагаат пророчките зборови, како што е напишано:
16. 'По ова ќе се вратам и пак ќе го изградам Давидовото светилиште, кое падна; и повторно ќе ги изградам урнатините, и пак ќе ги обновам;
17. за другите луѓе да Го побараат Господ и сите неевреи кои се нарекуваат со Моето име,
18. говори Господ, Кој го објавил ова од дамнина.'
19. Затоа сметам дека не треба да ги вознемируваме оние од нееврејските народи кои се обраќаат кон Бог;
20. туку да им се напише да се воздржуваат од она што е осквернато од идоли, од блудство, од задавено и од крв.
21. Зашто Мојсеј има проповедници за себе, од дамнешни времиња, во секој град: го читаат во синагогите, секоја сабота."
22. Тогаш апостолите и старешините, заедно со целата црква, најдоа за сходно да изберат меѓу себе луѓе и да ги испратат со Павле и Барнаба во Антиох: Јуда, наречен Барсаба, и Сила, видни луѓе меѓу браќата,
23. и по нив го испратија ова писмо: "Апостолите и старешините, вашите браќа, ги поздравуваат браќата од нееврејските народи во Антиох, Сирија и Киликија!
24. Бидејќи чувме дека некои од нас, на кои ништо не им заповедавме, ве збуниле со зборови и ги вознемириле вашите души,
25. еднодушно најдовме за сходно да избереме мажи и да ги пратиме кај вас со нашите возљубени Павле и Барнаба,
26. луѓе, кои ги предадоа своите души за нашиот Господ Исус Христос.
27. И така, ви ги испраќаме Јуда и Сила, кои лично ќе ви го соопштат истово.
28. Имено, Светиот Дух и ние решивме да не ставаме врз вас никакво друго бреме, освен овие неопходни работи:
29. да се воздржувате од нешта жртвувани на идоли, од крв, од задавено и од блудство; ако се пазите од тоа, добро ќе направите. Збогум! "
30. И така пратените слегоа во Антиох, го собраа народот и го предадоа посланието.
31. А кога го прочитаа, се зарадуваа на утехата.
32. Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, ги храбреа и ги закрепнуваа браќата со многу зборови.
33. И откако поминаа таму некое време, ги испратија браќата со мир кај оние што ги беа пратиле.
34. Сила пак реши да остане таму.
35. А Павле и Барнаба останаа во Антиох, каде што заедно со многу други поучуваа и го проповедаа Господовото слово.
36. По неколку дена Павле му рече на Барнаба: "Да се вратиме повторно и да ги посетиме браќата по градовите, каде што го навестувавме Господовото слово, за да видиме како поминуваат!"
37. А Барнаба предложи да го поведат со себе и Јован, наречен Марко.
38. Но Павле сметаше дека не треба да го водат оној што се оддели од нив во Памфилија и не отиде со нив да работи.
39. И дојде до расправија, тики се разделија еден од друг. Барнаба го зеде со себе Марко и отплови за Кипар;
40. а Павле, кој беше предаден од браќата на Господовата благодат го избра Сила и тргна.
41. И, поминувајќи низ Сирија и Киликија, ги закрепнуваше црквите.

  Acts (15/28)